Непосредно пред „надреално“ да биде прогласен за збор на годината на речникот Меријам-Вебстер (за што пишувавме тука), на овој сајт по бројот на пребарувањата водеше „фашизам“. Луѓето за да го спречат неговиот избор по стотици пати пребаруваа зборови како „кученца“ или „флумадидл“ (бесмислица), за кој и да е од нив да го потисне овој лошиов. „Фашизам“ на крај не победи, но остана прашањето дали овој термин, кој во 2016 често се користеше за опишување на популистичките движења во САД и Европа, има каква и да е врска со „оној“ фашизам на Хитлер и нацистите, или е само реторичка алатка за осудување на политичките опоненти?
Проблемот секако е во дефиницијата на терминот. Фашизмот историски потекнува од Европа од 1920-тите и е врзан главно за радикалните колективисти од левицата. Наскоро во него се вградуваат радикално десничарски ставови, како расизмот и национализмот. Историчарите денес главно го отфлаат некогаш популарното марксистичко толкување, дека фашизмот е рожба на капитализмот и империјализмот. Сепак, тие не се едногласни во тоа дали ривалството помеѓу фашизмот и комунизмот всушност било ривалство помеѓу сродници.
Можеби најдобрата дефиниција доаѓа од Роберт Пакстон, професор на Универзитетот Колумбија, и неговата книга „Анатомија на фашизмот“. Тој во неа ги анализира фазите на подем и пад на 20-вековниот фашизам, кој според него е динамички процес, а не фиксирана идеологија. Според Пакстон, има пет чекори до пеколот, а мал број фашистички партии го минале вториот праг:
1. Идеолошка формација и создавање партија со квазимилитантни кадри. Покренување дискусија за национално понижување, загубена виталност и недостатоците на либерализмот и демократијата
2. Влез на партијата во националната политика. Заплашување на неистомислениците и планирани активности што вклучуваат „насилство заради одмазда“, насочени кон малцинствата и другите соперници.
3. Влез во власта, често во сојузништво со конзервативците
4. Примена на моќта, во соработка со институциите и бизнисите. Режимот ја шири контролата дома: ги ограничува медиумите и демократските процеси, го корпоратизира бизнисот и го колективизира народот. Во странство се наметнува воено.
5. Радикализација или ентропија: некои фашисти пропаѓаат во катаклизмични околности, но повеќето умираат од здодевност.
Некои од овие елементи се присутни и во гневниот популизам што јакне во модерните западни демократии. Има политичари чии партии се со фашистички происход, како Националниот фронт во Франција, чија политика може да се следи до француските протофашисти на раниот 20 век. Партијата на слободата на Норберт Хофер во Австрија го заслужува епитетот неофашистичка. Други се обидуваат да ги затскријат или анулираат ваквите асоцијации, како Марин Ле Пен, која веќе не зборува со својот татко, идеологот-основач на Национален фронт.
Но само една западна демократија има фашистичка партија како Златна зора, која поседува и униформирани улични борци и членови на националниот парламент. Кога новите десничари на Европа се нарекуваат „фашисти во одела“, тоа е признавање дека тие всушност не се фашисти. Вистинските фашисти носат униформи (види: Грчките неонацисти се бетер од што ги мислите).
Историски фашизмот се родил како резултат на неуспехот на либералната демократија. Но широко распространетото незадоволство од економските и културните ефекти на глобализацијата и јазот помеѓу елитите и владеаните, се непредвидени последици на успехот, а не на слабоста на глобалниот пазар. Така, нарекувањето некого „фашист“ повеќе е генерална навреда, нешто како пософистицирана верзија од „кретен“ со политички тонови. Сепак, и покрај препознатливоста на навредата, таа не ја опишува доволно прецизно природата на популизмот и современите проблеми на демократијата. Обидувајќи се да ја спречат победата на терминот, од Меријам-Вебстер извојувале само Пирова победа. Затоа што зборот на „ф“ има повеќе реторичка отколку реална тежина.