Мат Таиби (долго време првото перо на Ролинг стоун, од неодамна е на платформата Сабстак) нема никаков проблем да каже дека Трамп е кловн кој можеби е добар за негативец во реално шоу ама е комплетно бескорисен како водач на една супер сила. Да се гледа како тој се справува со здравствената и политичката криза е како да гледате како хрчак решава теорема.
Но полициската бахатост и секојдневното поткопување на претседателските стандарди од страна на Трамп, се само дел од катастрофата. На другиот крај на политичката тезга се случува ова:
„После години одење како по јајца околу фактите, ослободувачко е чувството да се каже дека левицата се има збудалено. Таа е станата кукавичка толпа од добростоечки зависници од социјални медиуми. Твитер Робеспјери кои одат од тема на тема и им ги спалуваат репутациите и кариерите на луѓето со една вознемерувачка лежерност“.
Под нивниот притисок, бројни организации се нафатија да формираат некакви „надзорни панели“ кои функционираат како „полиција на мислите“ и сега апсолутно сè може да биде оценето како навредливо. Пазете го овој пример: научник добива отказ од фирмата која се бави со истражувања бидејќи РЕТВИТНАЛ НАУЧНА СТУДИЈА по која мирните протести се покажуваат како поефикасни од насилните.
Тоа лудило одамна се прелева и во медиумите. Таиби знае за најмалку осум неодамнешни примери на побуни во редакциите кога се барало отпуштање или санкционирање на некој колега заради нивен „проблематичен“ едиторијал или „спорна“ реакција на социјалните мрежи: Њујорк тајмс, Интерсепт, Вокс, Варајети... Дел од тие случаи опишавме во статијата „Каде плови овој свет“ па ќе се задржиме на еден од најненормалните примери, од Интерсепт (инаку чест извор на Офф.нет).
Настрадува Ли Фенг, еден од сé помалубројните квалитетни американски истражувачки новинари чиј журналистички труд, меѓу другото, има доведено до рекордна казна за Конзервативците заради матни финансии во изборна кампања.
Повод за колегијалниот линч кој ќе му се случи на Фенг е неговото интервју со афро-американец, извесен Максимус Фр кој зборува за тоа како изгубил двајца млади братучеди и како неговата тетка таа загуба уште не може да ја преброди. Дечките биле убиени во свое маало, од „свои“ луѓе.
Интервјуираниот вика:
„Секогаш се прашувам зошто црниот живот вреди само кога го одзема белец? Ако вечерва ме убие белец, ќе ме има на сите национални вести, ама ако животот ми го одземе црн човек, најверојатно нема ни да ме спомнат“.
На ова „богохулење“ прва збеснува колешка од Интерсепт, извесна Акела Лејси (замислете некоја Соња Исмаил), која пишува „Уморна сум веќе да се убедувам со мојот колега @lhfang кој продолжува да пишува за црно-црни криминални наративи иако му се повторува да не го прави тоа“ па ќе додаде: „Ли, престани да бидеш расист.“
Толку треба. На етикетата „расист“, твитер реагира како бик на црвено платно па тргнува лавината против репортерот. На неа се зашлепува и добар дел од колегите од Интерсепт (главно белци) и онакви гракала - кои некогаш се активисти а некогаш шефови на кабинети - кои јавно повикуваат „Држете го!“ Во суштина, таквите мислат дека самото спомнување на несреќите кои црните Американци ги имаат во своите заедници и од своите луѓе се релативизирање на проблемот со системскиот расизам. „Не е време за твитови кои може да бидат разбрани погрешно“, би рекол академикот Љупчо Коцарев од кој чекаме да ни каже кога е време (може МАНУ тоа ќе го означува со биење на академска камбана?) и што е тоа што не може да биде сфатено погрешно.
За да ја спаси кариерата, младиот Фенг склопува јавно извинување за „нечувствителноста кон животните искуства на другите“ во кое пионерски ветува дека во иднина повеќе ќе внимава да не ги вознемирува неговите колеги. Таиби вели дека тонот на извинувањето на Фенг личи на оние покајнички писма кои пред камера мора да ги читаат киднапирани заложници.
Еден од најшокираните од ваквиот развој на настаните е самиот човек кој го дава интервјуто и ги кажува зборовите кои ја запалија твитер кладата.
„Не ми се верува дека тргнаа да го бркаат од работа за нешто што јас сум го рекол. Тоа не беше мислење на Ли, тоа беше мое мислење!“
Во неколку примери Таиби покажува дека со цензурирањето „проблематични“ ставови, медиумите почнуваат да ги изолираат своите читатели не само од различните гледишта туку и од сопствените мислења. Имено, во многу случаи, заради незамерање со новиот бран не прошле авторски мислења дури и кога содржат ставови кои имаат поддршка од мнозинството граѓани.
„Главниот ефект на отстранување на ваквите едиторијали од медиумите - настрана тоа што ќе им се влее страв во коски на уредниците - е што ќе ги штитат читателите до дознаат како размислува голем сегмент од општеството. Оние што пишуваат мислења и едиторијали ќе ги обликуваат текстовите така „да не ги вознемируваат колегите“ и наместо читателите до дознаат кои се разликите и како тие би можеле да се надминат, ќе имаме само текстови луѓе кои се согласуваат меѓусебно. ТОА е дезинформирање“.
И традиционалното поимање на новинарството никогаш не се потпирало на некаков математички баланс - пет реда за едните, пет реда за другите. Идеалот е да се покаже сé што новинарот може да види, и добро и лошо, грдо и негрдо, во надеж дека подобро информирана јавност е предуслов за донесување поквалитетни одлуки. Некогаш новинарите беа подготвени да одат во затвор за да ги сочуваат своите принципи (на пример да не ги откријат изворите), да заминат на борбено поле ако тоа од нив гo побара, да се спротивстават на колеги ако веруваат во својата приказна (Вотергејт, на пример).
„Денес никој новинар со плата не би застанал да брани колега како Ли Фенг. Нашите храбри кажувачи на вистина знаат да направат големо шоу од меѓусебното шамарање со нашиот пародичен претседател, но никој од нив не подготвен искрено да проговори за стравот кој владее во нивните сопствени редакции“, пишува Таиби.