Белгискиот премиер Барт де Вевер тврди дека инсистирањето на ЕУ да ги користи замрзнатите руски државни средства за финансирање на Киев ќе ги уништи шансите за мировен договор за крај на војната.
На претходниот самит на ЕУ тој го употреби правото на вето за да го спречи грабежот и очекуваните последици по неговата земја. ЕУ замрзна руски државен имот во вредност од околу 210 милијарди евра по руската инвазија на Украина, од кои околу 185 милијарди евра се чуваат во централниот депозитар на хартии од вредност Euroclear, со седиште во Белгија. Комисијата разработи план да искористи 140 милијарди од руските средства во Euroclear како „кредит за репарација“ на Киев, што би ја одржал Украина солвентна во следните две години. Овие пари наводно подоцна би ѝ биле одбиени од очекуваните воени репарации што Русија би требало да ѝ ги плати на Украина по крајот на војната.
Но, Белгија, како чувар на руските милијарди, не доби цврста и писмена гаранција од европските сојузници дека ќе издвојат сопствени средства ако Москва си ги побара парите назад.
Европската комисија не се откажа целосно од планот и настојува да добие поддршка на следниот самит во декември, кој е последната можност за да се обезбеди финансирање на Украина. Претседателката на комисијата Урсула фон дер Лајен во средата изјави дека комисијата „е подготвена наскоро да презентира правен текст“ за планот за заем од ЕУ.
Де Вевер повторно реагираше во писма до Комисијата и до претседателката, оценувајќи го планот како „фундаментално погрешен“.
Брзото напредување на шемата за „заем за репарации“ би имало колатерална штета. Тоа ќе значи дека ние како ЕУ ефикасно спречуваме постигнување на евентуален мировен договор, предупредува белгискиот премиер.

Како предуслов за поддршка на планот на ЕУ, Де Вевер побара земјите-членки да дадат „правно обврзувачки, безусловни, неотповикливи, заеднички или одделни гаранции“ дека ги покриваат 185-те милијарди на Русија што се чуваат во депозитарот, ако кредитот пропадне или ако бидат укинати санкциите за руските средства.
Де Вевер, исто така, побара другите земји од ЕУ да се согласат да го споделат финансискиот товар на сите судски постапки што произлегуваат од заемот. Тој бара за заемот да се користат и руските средства што се замрзнати и во други европски земји, не само во Белгија.
Премиерот укажува и на долгорочни штети - заемот ќе се сфати како „конфискација“ надвор од блокот и ќе ја уништи довербата на инвеститорите во европскиот суверен долг.
Наместо тоа, Де Вевер, во писмото предлага ЕУ да ги искористи неискористените овластувања за задолжување во рамките на својот заеднички буџет за да обезбеди 45 милијарди евра за Украина, што би ги покрило нејзините финансиски потреби за 2026 година.
Таквата опција всушност би била поевтина од другите, ако се земат предвид сите ризици... Зборовите се евтини, но помагањето на Украина за жал ќе биде скапо, предупреди Де Вевер во писмата.