Триесетгодишниците што работат плаќаат огромни придонеси за да ги финансираат пензиите. Трошоците поврзани со стареењето голтаат една четвртина од БДП на Европската Унија, бројка која веројатно нема да се намали бидејќи континентот сè уште старее.
Во европската пирамида на благосостојба, на врвот се „бејби-бумерите“ - генерацијата од двете децении по Втората светска војна, која сега е на возраст од 60 и 80 години. Социолозите забележуваат дека во 1960-тите бумерите се обидоа да го заменат шовинизмот со рокенрол.
Економистите не им се наклонети. Најочигледниот плен во генерацискиот грабеж се куќите, кои бумерите ги купија за ситно, а сега вредат милиони. Тие позајмуваа пари со ниски каматни стапки, а профитираа кога цените на недвижностите продолжија да се креваат откако ги отплатија кредитите. Дури и кога ќе се прилагоди инфлацијата, домувањето во Европа поскапе за една четвртина за само една деценија. Кириите исто така се зголемуваат побрзо од приходите.
Создавањето сопствен дом порано беше пат кон финансиска независност. Сега се чека на наследството. Процентот на Европејци кои до средна возраст живеат во домовите на своите родители постојано се зголемува со текот на времето. Една четвртина од оние родени во 1980-тите сè уште живеат во истиот дом 30 години.

Европа не е единственото место во кое старите луѓе живеат во скапи домови. Но, системот на социјална држава префрли преголем товар врз младите. Во повеќето други богати средини, како САД, Јапонија или Јужна Кореја, лицата над 65 години добиваат пензии од фондовите што ги полнеле додека работеле. Во Америка илјадниците милијарди долари од приватните шеми обезбедија основа за фондови за ризичен капитал, кои придонесоа некои фирми да израснат во гиганти.
Во повеќето европски земји пензиите ги плаќаат денешните работници, со надеж дека идните сè уште неродени работници ќе ја продолжат низата и ќе ги финансираат своите родители. Тоа значи помалку капитал за европските фирми и огромен трошок што го оптоварува јавниот буџет.
Ништо од ова не беше важно кога и економијата и населението растеа. Но, популацијата на Европа сега го достигнува својот врв. Во 1960 година, над пет работници го издржуваа секој пензионер во Западна Европа. Сега само 2,5 работници издржуваат 1 пензионер. Единствена друга лесно достапна опција за подобрување на овој однос е да се увезат многу мигранти. Но, тоа води кон сосема други последици.
Апатичноста на младите кон политиката покажува дека нема големи шанси овој систем брзо да се промени. Средната возраст на гласачите на последните претседателски избори во Франција беше 52 години, една деценија до возраста за пензионирање. Затоа политичарите ги прифаќаат приоритетите на постарите луѓе - заштита на пензиите, а ги намалуваат буџетите за образование и иновации.