Трамп сака бизнис со Москва пред да заврши војната

Откако Конгресот му ги прошири овластувањата да воведе построги санкции за Москва, Трамп планира да склучува деловни договори со Русија, со единствен услов да бидат замрзнати сè додека не заврши војната во Украина. Потпишувањето договори со одложена реализација би требало да ги убеди јастребите во Кремљ дека САД сериозно настојуваат да ги ресетираат односите. 

Новиот закон му овозможува на Трамп да воведе царини од 100% за земјите што купуваат големи количества руска нафта или гас и да блокира сметки на руски функционери, бизнисмени и финансиски институции.

Уште пред да го потпише, Трамп планира да го „надгради“ со нудење поволни бизнис зделки, кои уште повеќе би го мотивирале Путин да ја заврши војната во Украина, според извори на Њујорк тајмс. Со додавањето на морковот покрај стапот би изразил сериозност во намерата да ги ресетира односите со Русија, иако лани вети дека „нема да има зделки со Русија сè додека не заврши војната“.

Се чини дека администрацијата на Трамп се фокусира на „морковот“. Сака на руската елита да ѝ даде повеќе поттикнувачки фактори да се залага за мир. Склучувањето деловни договори пред крајот на војната би помогнало да се разубедат антиамерикански настроените јастреби околу Путин дека Трамп навистина сака да воспостави нови односи со Русија, вели функционер од Белата куќа.

И Балаж Јарабик, поранешен дипломат на ЕУ во Киев кој го следи преговарачкиот процес, смета дека САД размислуваат за поголеми отстапки кон Русија.

Вашингтон досега се противеше на потпишување договори пред да се постигне прекин на огнот. Сега сигнализира дека некои договори може да напредуваат ако Москва покаже конкретна воздржаност, вели Јарабик. 

Не е јасно за какви конкретни договори станува збор. По средбата на Путин со американските посредници Стив Виткоф и Џаред Кушнер на 5 септември, советникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека „детално се разговарало за економски прашања и за потенцијални големи руско-американски проекти од заеднички интерес“.

Уште откако Трамп се врати на функцијата минатата година, Москва предлагаше договори за ретки минерали и алуминиум, заеднички потфати на Арктикот, па дури и вклучување на американски компании во продажбата на руски природен гас во Европа. Трамп го оцени економскиот потенцијал на Русија како „огромен“, но досега ги посочуваше деловните договори како „награда“ за Москва ако таа придонесе за мир.

Преговорите за крај на војната во Украина годинава запреа бидејќи фокусот на САД се префрли врз војната со Иран. Посетата на Виткоф и Кушнер на Москва, а потоа и на Киев, се смета за обид за задвижување на процесот. Киев најави дека трилатералните мировни преговори меѓу САД, Украина и Русија би можеле да продолжат во октомври. Се очекува на агендата да биде ограничен прекин на огнот - запирање на нападите врз бродовите во Црното Море или врз енергетската инфраструктура.

18 септември 2026 - 13:16