Багаван, Говинда, Нарајана, Мукунда, Кришна, Јагадеш и нивната сестра Вишну пораснале во станот на нивните родители. 4 собен стан во њујоршкиот Lower East Side на Менхетен.
Единствениот клуч од станот го поседувал нивниот татко, човек со перуанско потекло, посветен на Харе Кришна, вљубен во музиката на AC/DC меѓутоа и човек со проблеми со параноја и алкохол. Оскар Ангуло верувал дека градот ќе му ги расипе и затруе децата па ги држел заклучани во станот, кадешто образование добиле од нивната мајка, Американка и некогашен хипик која се вљубила во Оскар на некој свој аџилак на Мачу Пикчу.
Филмови. Тие биле нивниот единствен контакт со надворешниот свет и начинот на кој останале релативно нормални. За да ја одржат својата имагинација, често "глумеле" сцени од филмовите кои ги гледале. А гледале многу, преку 5.000 наслови, купени или рентани од родителите.
Режисерот Кристал Мозел сосема случајно ги забележува во 2010-та година, при едно од нивните ретки бегства во градот. Вели дека му изгледале како глутница а така и се вика филмот (The Wolfpack) кој добива главна награда на Санденс.
"Имав чувство дека сум открил некое одамна изгубено племе само што ова не беше од некој зафрлен крај на светот туку од улиците на Менхетен," се сеќава Мозело.
За време на таа нивна прва средба, сите носеле наочари за сонце, бидејќи биле "во филм" на нивниот омилен Reservoir Dogs.
"Морам да кажам дека браќата се едни од најнежните, најумните и најљубопитните луѓе што сум ги сретнал во животот. Нешто во нивното растење сепак било направено добро", вели режисерот.
Гледале многу Тарантино, многу Скорсезе но, според сведочењето на еден од браќата, за да излезат од изолираноста и да го сретнат вистинскиот свет најмногу ги охрабрил Бетмен на Кристофер Нолан.
Наградениот документарец сведочи за фасцинантноста на човечкиот разум да остане здрав, жив и љубопитен дури и во најбизарни услови на долгогодишна изолација.