- Кулата на „Вјесник“ во Загреб ќе мора да биде срушена, бидејќи експерти предупредиле дека зградата може да се урне сама од себе како последица на големиот пожар што ја зафати пред една недела.
- „Уште од почетокот стравувавме дека одлуката ќе оди во оваа насока, но сакавме да ја оставиме отворена можноста за обновување. Врз основа на сите испитувања, заклучивме дека е потребно итно да се отстрани кулата, бидејќи опасноста да се урне самата ќе се зголемува со текот на времето“, изјави Марио Урош од Центарот за земјотресно инженерство.
- Сите мерења укажуваат на сериозни статички оштетувања на конструкцијата. Високата температура направила пукнатини на носечките столбови, кои под дејство на дожд, снег и мраз може да се шират. Не се препорачува дури ни долг престој во зградата за лицата вклучени во истрагата за пожарот.
- На двете приведени момчиња, осомничени дека го предизвикале пожарот, им се заканува казна од една до десет години затвор. Ако на суд се докаже нивната вина, според законот тие ќе треба да ја надоместат и милионската штета од пожарот.
- Кина обезбедува клучна поддршка за руската агресија во Украина и би можела да ја заврши војната со еден телефонски повик, изјави американскиот амбасадор во НАТО.
- „Пекинг би можел да му се јави на Владимир Путин и да ја заврши оваа војна утре, ако го прекине доставувањето технологии со двојна намена. Би можела и да престане да купува руска нафта и гас“, изјави амбасадорот Метју Витакер.
- Русија се потпира на Кина за набавка за критични делови и компоненти за беспилотни летала и друга воена опрема. Откако Европа воведе санкции за Москва, Кина стана и најголем увозник на руска нафта.
- Во јануари во кинеските пристаништа просечно пристигнувале по 1,65 милиони барели руска сурова нафта. Тоа е најмногу од март 2024 година и второ највисоко количество по инвазијата врз Украина пред четири години.
- Кинеското Министерство за надворешни работи ги отфрли како „целосно неосновани“ обвинувањата дека ги поддржува воените напори на Русија.
- Почина театарската, филмска и телевизиска глумица Ленче Делова, соопшти Драмски театар, нејзината матична куќа. Имаше 77 години.
- Нејзиниот талент, сценска присутност и човечка топлина оставија неизбришлива трага на сцената и во срцата на публиката. Со секоја улога таа внесуваше искреност, емоција и посветеност, градејќи ликови кои долго ќе се паметат. Нејзината насмевка и ведриот дух беа светлина зад сцената, а нејзината професионалност пример за генерации актери, напишаа колегите.
- Делова играла во 60-тина претстави во Драмски театар, а глумеше и во над 30 филмови.