Казнено-поправната служба на Канада (CSC) во внатрешен документ адресиран до затворските службеници најави дека на затворениците ќе им достави опрема наменета за „вдишување супстанции во прав или пареа од загреани супстанции“.
Службата признава дека низ затворите се зголемува бројот на предозирање со наркотици, иако на затворениците им е забрането да поседуваат дрога.
Цевчињата ќе ја намалат штетата и ризикот од внатрешни рани во носот, какви што можат да настанат при употреба на импровизирани или пластични цевчиња, и ќе го намалат ризикот од инфекции со болести како хепатитис Б и Ц, пишува во документот.
Планирано е до затворениците да се дистрибуираат и „фолии за побезбедно пушење“, како и ленти за тестирање на присуство на фентанил, бензодиазепин и ксилазин (во уличната дрога „транк“).
Обуката за персоналот на здравствените служби задолжен за дистрибуција на овие средства до затворениците, треба да почне денеска. Програмата ќе биде воведена на 13 октомври.
Национална стратегија за дроги на Канада ја третира употребата на наркотици како здравствено прашање, па затоа одобрените средства за намалување на штетите нема да се сметаат за недозволени. Службите добија упатство да не отвораат случаи ако најдат „предмети за намалување на штетата“, но ќе мора да ги следат стандардните процедури ако ги пронајдат заедно со недозволени супстанции.
Според извештај на CSC од 2025 година, помеѓу 20% и 22% од мажите и 27% до 29% од жените што влегуваат во затворите пријавиле „доживотна историја на употреба на инјектирани дроги“. CSC нуди услуги за лекување, вклучувајќи третман, психоедукација и општа поддршка. Во декември 2024 година имало 3.431 затвореник во програмата за лекување со опиоиди, што е скок од 370% во однос на 2016 година. Програмата за пристап до безбедни шприцеви и игли до 2024 година ја користеле 537 затвореници.
Лидерот на опозициските конзервативци Пјер Поилиевре ја обвини либералната влада дека со вакви политики не ги рехабилитира затворениците, туку им помага да останат зависници, што може да ги направи уште понасилни кога ќе излезат од затвор. Тој побара да се врати политиката „нулта толеранција за дрога во затвор, да се спроведуваат редовни тестирања и да се изолираат „босовите зад решетки“.