Грета Тунберг се испонасмеа кога разбра дека сè уште постојат демонстранти кои учествуваат во климатското движење што таа го започна пред да се фокусира на Газа.
„Петоци за иднината“ го започна Тунберг во 2018 година, кога на само 15 години почна да бега од училиште в петок за да бара „акција за климатските промени“.
Она што започна во Шведска брзо се претвори во лавина од глобално движење, инспирирајќи милиони ученици да ги напуштат училниците и да излезат на улици, на митинзи низ целиот свет.
Во новообјавен документарец, сега 23-годишната девојка изгледаше шокирана кога ѝ беше кажано дека во Берлин се одржува демонстрација „Петоци за иднината“. „Дали стварно?“ праша таа, изгледајќи видливо изненадено, пред да се распрсне во гласна (и непријатна) смеа.
„Навистина? Сè уште го прават тоа?“
Последниве години, нејзиниот активизам сè повеќе се насочува кон гласна поддршка за пропалестинската кауза. Минатата зима, беше уапсена во центарот на Лондон на протест за поддршка на затворените демонстранти на Палестинската акција кои штрајкуваа со глад.
Ги опиша како „политички затвореници“ и се придружи на повиците за отфрлање на обвиненијата против нив. Лани беше приведена и од Израел откако воени бродови ја пресретнаа флотилата за помош што се упати кон Газа на која се наоѓаше таа. Тоа ѝ беше вторпат.
Неодамна зборуваше во поддршка на раперот Меклмор откако беше отстранет од турнејата на Ед Ширан поради пропалестински изјави дадени на еден од неговите концерти. „Ед, тука има само една жртва: палестинскиот народ,“ му порача на Ширан.
По нејзиното исмејување на демонстрантите за климатски промени, Швеѓанката се соочува со силни реакции на интернет.
„Климата беше само загревање. Мразењето на Израел е вистинската работа“, коментира еден на Икс.