Лажно претставувајќи се како оженети муслимани, новинари на информативната емисија „Упдраг гранскнинг“ посетиле 15 џамии низ Шведска и побарале совет од имами дали можат да склучат брак со втора жена, затоа што со првата немаат деца. Во девет џамии имамите им понудиле да им склучат втор, верски брак, или ги упатиле на места каде што тоа може да помине.
Во главната џамија во Упсала, имамот Башир Ахмед објаснил дека нема никаков проблем во таквиот брак и го цитирал Куранот: „Оженете се со жените што ви се допаѓаат“.
Во џамијата во Хелсингборг, каде што двајца новинари глумеле брачна двојка, шеикот Тарек Хусеин ја убедувал сопругата да му дозволи мажот да земе втора жена.
Шеици во четири џамии истакнале дека не можат да извршат венчавка, но ги упатиле молителите кон други имами. Еден од нив изјавил дека може да изврши венчавка за 1.000 круни.
Според шведскиот закон, бигамијата претставува кривично дело за кое се предвидува парична казна или затвор од најмногу две години. Верските церемонии што не се официјално регистрирани не создаваат правно признати бракови, што значи дека вторите сопруги може да останат без законска заштита што ја имаат брачните партнери.

Само шест од проверените 15 џамии одбиле услуга на незаконско венчавање со втора жена. Побарале „потврда за неспособност за склучување брак“ од Шведската даночна агенција.
Во џамијата „Стенхаген“ во Упсала, еден шеик ја предложил „техниката“ втората сопруга да раѓа деца едно по друго „за да нема време да излезе од домот и да се дружи“. Во две џамии верските лица ги советувале мажите да ги држат своите сопруги или деца „подалеку од Швеѓаните воопшто, а особено од Евреите“.
Некои од организациите што управуваат со џамиите во Шведска добиваат државна финансиска поддршка од милиони круни. По емитувањето на видео-прилогот на новинарите биле разрешени најмалку тројца имами.
Јасер Абу Џејшех, претседателот на џамијата во Упсала, истата вечер откако ја видел снимката на државната телевизија СВТ го свикал управниот одбор, кој по кратка постапка го разрешил имамот.
Ми се кине срцето. Постапките на имамот ја загрозуваат долгорочната работа на џамијата насочена кон широка соработка со општеството, изјавил Абу Џејшех.
Новинарскиот извештај е сумиран во документарен филм од 46 минути.