Обидувајќи се да го објасни подемот на "селфи" сликите, новинарот на Ескваер наведува неколку сфаќања околу целиот феномен.
"Некои критичари веруваат дека сè поголемата популарност на камерите на мобилните телефони, ќе биде подеднакво важна за историјата на уметноста како и појавувањето на огледалото. Анти-порно активистите веруваат дека "селфито" ќе доведе до 'порнификација' на младите девојки кои испраќаат фотографии во пози позајмени од други визуелни опсесии на нашето време. Постои и идеја дека "селфито" е природно поврзано со растот на нарцизмот, без разлика дали како симптом или причина," пишува Стивен Марч за Ескваер.
Она што нему му пречи е идејата дека сите основни претпоставки околу "селфи" го третираат него како уметничко дело. На Марч главниот проблем му е што смартфоните го направија создавањето фотографии премногу "евтино."
"Низ целата човечка историја, па дури и во праисторијата, правењето слика е акт кој бара не само свесно размислување, туку и голем напор. Затоа сликата беше нешто што е извадено од секојдневниот живот - сликите поседуваат свети карактеристики, специјални аури и моќ. Фотоапаратот секако го олесни правењето слики, меѓутоа не ја отстрани свесноста од чинот. Правењето фотографии изискуваше скапа машинерија и вештина. Неодамнешниот, неизмерно голем скок во нашата способност да правиме фотографии е зачудувачки. Едно од моите најсилни сеќавања како дете е патувањето во Кина, каде го земав мојот Полароид апарат за да фотографирам семејства. Во тоа време никој немаше чуено за личен фотоапарат. Најчесто Полароид сликата беше единствената семејна слика што тие ја поседуваа. Скокот во достапноста на правењето фотографии од 2000-та до денес и ист како и скокот од цртањето во пештерите до 2000-та. И сепак, се уште ги гледаме фотографиите како нешто за што е потребен труд, како тие да се свесни креации. Ова повеќе не е вистина. Фотографиите сега станаа како разговарање. Реткоста на фотографиите некогаш ги правеше одделен дел од животот. Сега тие се само живот. Тие се дел од денот," објаснува Марч.
Сеприсутноста на распространувањето на фотографии е толку нова што никој навистина не разбира како таа влијае на луѓето кои споделуваат. Сузан Сонтаг во својата книга За фотографијата, го опишува актот на фотографирање како поделба меѓу невмешаноста на фотографот (стои на страна и гледа) и неговата или нејзина ангажираност (создавањето на фотографијата).
"'Селфи' е резултат на нова реалност, тоа ги поврзува двете страни на дихотомијата за која Сонтаг зборува. Тоа е изолирање од самиот себе, подеднакво колку што е и промоција на самиот себе. Тоа е да гледаш и да бидеш виден во исто време, во истиот акт. Навистина има некои убави 'селфи,' ама тие не се уметност. Дел од нивната привлечност, посебно за оние од ѕвездите, е што тие се толку интимни за разлика од стилизираните фотографии кои стануваат секојдневни и стандард. 'Селфито' на Ријана не ја прави неа славна личност, тоа само докажува дека и таа ѕвезда 'како и ние.' Моментално на Инстаграм има 90 милиони фотографии со хаштаг #me.
'Селфи' е мастурбација со слика на самиот себеси. И ова го мислам комплетно како комплимент. Ти дава контрола и ослободување. Кога чувствуваш желба да станеш слика, можеш да го направиш тоа со многу малку напор и речиси без последици. Ако сакаш можеш 'селфи' да го наречеш нарцизам, ама во секој случај ќе треба да разликуваш меѓу нарцизам и себичност или суета. Бидејќи последните отсекогаш биле наоколу. Новиот нарцизам е природна реакција на промените во технологијата на правење фотографии и дистрибуција на фотографии," вели Марч.