Од вкупно 37.638 укинати работни места во големите технолошки компании досега во оваа година, 47,9% се поврзуваат со префрлање на работните задачи врз вештачката интелигенција.
Компании како Amazon, Block, Cisco, Cloudflare и Meta објавија дека ги намалуваат платите на вработените - затоа што ВИ може да ја извршува истата работа како и луѓето или за да скратат трошоци за понатамошен развој на својата инфраструктура на ВИ. Директорот на Microsoft, Сатја Надела, тврди дека 20% до 30% од кодот на компанијата е напишан од ВИ. Nvidia вели дека ВИ им ги зголемила приходите на 88% од нејзините клиенти.
Од друга страна, и покрај целата возбуда и хистерија, никој сè уште не докажал дека вештачката интелигенција е навистина толку корисна за бизнисите. Напротив.
Нова студијата на IDC покажува дека 88% од концептуалните проекти за ВИ никогаш не стигнуваат до производство. Студија на MIT од 2025 година покажа дека 95% од проектите за ВИ не успеваат да испорачаат мерливо влијание врз добивката и загубата.
Линус Торвалдс, креатор на Linux и Git, на информатички самит неодамна процени дека ВИ ќе ја зголеми вашата продуктивност „за фактор 10“. Но, дали тоа е доволна причина за намалување на работната сила од 10% до 40%?

Вработените кои или чекаат отказ или засега го избегнале, губат мотив за работа. Јавна тајна е дека IBM, Google и Meta ги тераат своите вработени да ги обучуваат своите замени за ВИ. Со други зборови, самите си коваат клинци во ковчегот.
Не е чудно што многу луѓе - 29% од сите вработени и 44% меѓу работниците од генерацијата Z - намерно ја саботираат работата кога шефот инсистира да ги обучуваат своите замени за вештачка интелигенција, забележува Стивен Вон-Николс од Computerworld.
Директорите вршат притисок за да се фалат со продуктивноста на ВИ и така да ја кренат вредноста на акциите и да ја задржат довербата од инвеститорите. Но, што се случува по неколку квартали?
Повеќето од фирмите неодамна анкетирани од Делоит пријавиле задоволителен поврат на инвестиции во ВИ во рок од 2 до 4 години. Ова е значително подолго од очекуваниот период на враќање на технолошки инвестиции од 8 до 12 месеци. Дури и меѓу најуспешните проекти, само 13% имале поврат во рок од 12 месеци. Тоа кажува дека ВИ не е волшебен лек за она што ги мачи бизнисите.
На долг рок, секако ВИ ќе нè направи попродуктивни. Но, сè уште не сме таму. Засега, компаниите треба да ги одржуваат вработените среќни, а не да им ја туркаат ВИ под носот. И треба внимателно да осмислат како вештачката интелигенција навистина да биде полезна за бизнисот, заклучува Computerworld.