Терајте ги децата да учат. Најлошите ученици јадат најмногу.
Вчера еден родител закука: Дајте ми добро дете па да видите каков татко сум јас!
Синоќа бев на седенка. Имаше интересни осврти на актуелни книги. Несреќните родители го читаат само она што децата не им го читаат - задолжителните лектири.
Се ближи полугодие. Бившите лоши ученици им даваат единици на сегашните, а најлошите ги караат и тепаат по дома.
Просветните работници не живеат толку од своето знаење колку од ученичкото незнаење.
Во тек се школски екскурзии. На крајот на секоја ученичка колона куцаат деца со нови чевли.
Не кукајте на децата. Тие ви се единственото покритие.
После синоќешните родителски состаноци повторно се постави прашањето: дали воспитувањето е умна или мануелна работа? Нема единствен одговор. Секој нека воспитува со она што располага.
Во тек е уште една кампања. Родителите ги поправаат децата. Децата ги поправаат оценките.
На ученици не треба да им се верува. Тие не го мислат она што во школо го пишуваат и одговараат.
Ако децата не се добри и слабо учат, треба да се проба со приватни професори. Ако и така не оди, можеби би требало да се проба со приватни родители, татко и мајка.
Над нашите деца ќе биде извршена уште една училишна реформа.