
Австриската служба за вработување откри случаи на сириски бегалци што ги саботираат сопствените обуки и курсеви за интеграција во општеството и економијата, за да не добијат право на работа.
Во нов извештај за пазарот на трудот е издвоен случајот на Сиријка што студирала медицина во својата земја и работела како педијатар во Турција, која советувала сонароднички во Австрија да не прифаќаат работни места како чистачки.
Како резултат на тоа, некои луѓе намерно паѓале на испитите за германски јазик, само за да избегнат вработување на места за кои се потребни пониски квалификации од оние што ги имале во Сирија. Главниот проблем се ниските плати, за кои сметаат дека не им се доволни за да ги обезбедат трошоците за живеење во Австрија.
Службата за вработување тврди дека овие случаи се инцидентни.
Можеби има повремени индивидуални случаи, но не е забележан тренд, објави Службата, но потоа го оспори тврдењето: Санкции се можни само ако јасно да се докаже намера за саботирање на резултатот од испитот. Утврдувањето на намерата е практично невозможно.
Извештајот предизвика остри критики од опозициските политичари, особено од десничарската Партија на слободата на Австрија (ФПО).
Според Австрискиот фонд за интеграција, две третини од барателите на азил што добиваат социјална заштита имаат потреба од обука за писменост, а 44% се целосно неписмени. Тоа укажува дека задолжителните курсеви по германски јазик воопшто не се ефикасни.
Извештајот е јасен доказ за организирана измама со правото на азил. Системот го потврдува она на кое ФПО долго време предупредуваше: „бегалците“ намерно паѓаат на испити за да ги искористат социјалните бенефиции и да живеат на сметка на Австријците. Ова е врв на дрскост и навреда за секој вреден граѓанин, изјави генералниот секретар на ФПО, Михаел Шнедлиц.
Тој потсети дека Австрија ја укина обврската да им дава заштита на сириските бегалци откако во Дамаск беше соборен режимот на Башар ал Асад – наведен како причина за барањето азил.
Додека Австријци се казнуваат и за најмал прекршок, измамниците со азил се заштитени. Нивната земја има потреба од нив за да се обнови, но тие решиле да го молзат австрискиот систем за социјална помош, додава ФПО.
Службата за вработување најави дека до крајот на оваа недела ќе ги ажурира податоците и ќе објави прецизна статистика колку луѓе изгубиле бенефиции од државата поради тоа што паднале на тестови за германски.