Говното нека биде шеф 2.0

Кариера: Од дебелото црево до мозокот

Статијата е за едно потенцијално откритие кое стана хит на релевантна научна конференција а се работи за можноста бактерии од дебелото црево да си го наоѓаат патот до мозокот и таму да се населат за озбилно. Ќе ви ја раскажеме ние приказната поштено, ама нема да се отргнете од впечатокот дека вакви патешествија веќе имате видено во многу „успешни“ деловно-политички транзициски приказни во Македонија и Балканот.  

Одамна е познато дека микробиомот во цревата има огромно влијание врз целото здравје. Но, дали е можно дека некои од тие бактерии успеваат да се отргнат од своето матично опкужување, да стигнат во мозокот и таму да започнат „нов живот“?

Токму тоа сугерира еден постер од микроскопски наоди на мозочно ткиво, обелоденет на годишна конференција на невролози на кој се гледа како цревни бактерии успеале да ги пробијат заштитните механизми на мозокот и да се населат меѓу мозочните клетки. 

Наодот е прелиминарен и авторите порачуваат да не се брза со заклучоци. Потсетуваат дека се работи за ткиво земено од кадавери што ја остава можноста дека тоа дополнително било контаминирано. Па сепак, ова станува главна тема на конференцијата поради потенцијално револуционерните сознанија до кои може да се дојде за функционирањето на целиот систем.

“Тоа е хит на неделата” вели неврологот Роналд МекГрегор од Универзитетот на Калифорнија. „Тоа е како да сме откриле една цела нова молекуларна фабрика која си има сопствени потреби... Ова е да ти пукне мозокот!“

Човечкиот мозок е прилично заштитен систем во кој со посебна мрежа клетки, органот е чуван од содржините на сето она што проаѓа низ крвниот систем. Кога бактерија или вирус ќе успеат да ја минат таа бариера и да влезат во мозокот, настануваат сериозни компликации од типот запаление на мозок и слично.

Досега имаше истражувања кои упатуваа на тоа дека оддалечените бактерии, како што е се оние од цревната флора, преку суптилни механизми сепак успеваат да влијаат врз човековото расположение или некои одлуки на мозокот, а таква приказна имавме на сајт и за паразитите (линк подолу). На пример, дебаланс во цревниот микробиом може да го зголеми производството на еден лажен протеин за кој се верува дека може да произведе Паркинсонова болест ако успее да стигне до нервот кој ги поврзува цревата со мозокот. Слични сомнежи има и околу шизоофренијата.

******

Види и:

Говното нека биде шеф (колумна)
Жена никогаш и никого не заборава
Бидете штурец

15 ноември 2018 - 15:25