Полска го достигна животниот стандард на Јапонија

Со неверојатна стапка на раст на реалниот животен стандард од над 300% во изминатите 30 години, двојно повеќе од која било друга европска земја во тој период, Полска веќе го надмина европскиот просек, се изедначи со многу побогати европски земји, а на пат е да ја надмине и Јапонија. Корените биле пуштени уште во социјализмот, кога малите бизниси полнеле 20% од буџетот.

За само една генерација на Полјаците им успеа да го стасаат својот економски идол – Јапонија. Ова го покажуваат податоците за БДП по жител, прилагоден со паритетот на куповната моќ (ППП), кои отсликуваат пореална слика за животниот стандард.

Според новата прогноза на Меѓународниот монетарен фонд, Полска до крајот на оваа деценија ќе достигне БДП по жител од 55.200 долари и ќе ја надмине Јапонија. Ако во пресметката се вклучи и ППП, тоа ќе се случи веќе во 2026 година. Основа за проекцијата на ММФ е раст на Полска од 3,45% годишно, односно за 20,7% од 2024 до 2030 година.

За споредба, на почетокот на 1990-тите, Јапонија со БДП по жител од 21.000 долари практично беше изедначена со САД на врвот на најсилните економии во светот. Во тоа време Полска штотуку излегуваше од социјализмот со еден од најниските БДП по жител во Европа од околу 2.500 долари.

Ова е една од највисоките стапки на раст меѓу развиените економии во светот. Повисоки имаат само Катар и малата африканска држава Гвајана, генерирани од извозот на нафта. Освен Јапонија, Полска зад себе ќе ги остави и Израел, Шпанија и Нов Зеланд, според порталот Poland-accounting.

Во европски рамки, никоја земја не е ни приближно до порастот на стандардот од 316% во изминатите 30 години. Во овој период Унгарија постигнала раст од 214%, а Чешка 178%. Во 1995 година приходот на жителите на Полска бил три пати помал отколку во Франција. Денес речиси се изедначени. 

Ако растот продолжи со исто темпо и во идната деценија, Полска би можела да ги престигне и Италија (со БДП по жител од 56.400 долари), Британија (57.000), Франција (58.800) и Канада (59.600) и да им се приближи на Јужна Кореја (61.700) и на Германија (65.400).

За инвеститорите, ова значи дека Полска станува еден од најважните развиени пазари во Европа. Типичен пример е градот Тарновско Подгорне со 33.000 жители и 7.557 регистрирани компании, по една на секој четврти жител.

Првите инвеститори биле израелски производител на кафе и фабрика за чоколади од Германија. Денес свои погони и магацини во Тарновско Подгорне имаат гиганти како Амазон, Лидл, Волво, Декатлон или Кока-кола. Во градската каса тие полнат 96 милиони евра годишно даноци и комуналии. Oколу 1.400 сопственици на бизниси имаат регистрирано живеалиште во Тарновско.

Областа околу Познањ наликува на еден голем индустриски парк. Без разлика во која насока ќе се движите, со километри до центарот се протегаат индустриски погони, магацини и деловни згради, забележуваат репортери на германскиот бизнис-весник Ханделсблат.

Градоначалникот Тадеуш Чајка објаснува дека клучот за експанзијата е обучената работна сила во целиот регион на Познањ и близината на Германија, до која може да се стигне за два часа по автопат.

Марчин Пјатковски, професор по економија на приватниот универзитет „Козмински“ во Варшава, вели дека предностите на Полска за најсилен развој меѓу земјите од поранешниот Источен блок е нејзината традиција на претприемништво.

Дури и во социјализмот, околу 20% од БДП беа генерирани од мали претприемачи. Придонесе и добро образованата работна сила. По напуштањето на социјализмот, на старите елити им беше одземен имотот и беше овозможена целосна социјална мобилност, вели Пјатковски.

7 август 2025 - 11:05