Премиер со вештачка интелигенција

Искреното признание на шведскиот премиер дека се консултира со ЧетГПТ за некои прашања ја разбранува јавноста. Го напаѓаат дека споделува чувствителни информации со апликација на приватна фирма, дека бара совети од машина што лесно може да халуцинира. Кога малку стивна бурата, Швеѓаните бараат одговор на друго прашање: Зарем некој денес воопшто може да не користи ВИ?

Премиерот Улф Кристершон е апсолутно во право за технологијата на вештачката интелигенција и секако дека треба да ја користи во својата работа, забележува порталот Дагенс индустри, за кој шведскиот премиер го даде контроверзното признание.

Прилично често користам алатки со вештачка интелигенција, ако не за друго, тогаш за второ мислење. Да добијам идеја како би постапиле други и дали треба да го мислиме сосема спротивното. За такви прашања, изјавил Кристершон. Тој објасни дека и неговите колеги секојдневно користат помош од ВИ.

Ова изјава беше пречекана на нож и поттикнаа лавина критики. Водечкиот весник Афтонбладет оцени дека премиерот паднал во ВИ психоза. Симоне Фишер-Хибнер, истражувачка на компјутерски науки на Универзитетот Карлштад, предупреди дека премиерот ја загрозува доверливоста на чувствителни информации ако ги пренесе до алатки со ВИ каква што е ЧетГПТ. Таа додава дека на алатките се уште не може да им се верува, зашто често пати халуцинираат и даваат неточни одговори.

Најмоќниот човек во Шведска избира да си игра со генератори на случајни броеви, наместо да се консултира со својот голем и добро платен персонал од експерти, коментира Афтонбладет.

Друг експерт за ИТ изјавил за Expressen, дека премиерот се однесува „аматерски“. Dagens Nyheter забележува дека не може да се добие корисен совет од алатка програмирана да му се вовлекува на корисникот.

Вештачката интелигенција не е способна да даде значајно мислење за политички идеи и едноставно ги одразува ставовите на оние што ја изградиле. Колку повеќе човек се потпира на ВИ за едноставни работи, толку е поголем ризикот од прекумерна доверба во системот. Тоа е лизгава патека. Ние не гласавме за ЧетГПТ, изјави за Dagens Nyheter Вирџинија Дигнум, професорка на Универзитетот Умео.

Кристершон, всушност изјавил дека не споделил доверливи податоци, особено не државни тајни, со алатката и дека многу поважни му се мислењата на соработниците и советниците.

Вештачката интелигенција е интегрирана во секоја апликација и на интернет. Секое пребарување на Гугл дава одговор генериран од ВИ.

Премиерот секако дека знае дека не може да им верува целосно на пребарувањата на интернет. Дури ни хроничните противници владата не можат разумно да веруваат дека одлуките на владата и ставовите на премиерот се засноваат на слепа вера во информации од ВИ. Веројатно би било полошо ако Шведска имаше премиер кој лично не користи компјутери и интернет, што вклучува и алатки со ВИ, или во неа гледа само опасност, коментира Дагенс индустри.

Аферата се поклопи со дебатата за регулирање на вештачката интелигенција во Шведска. По долга подготовка, формирана е Комисија за ВИ, на чие чело е назначен Карл-Хенрик Сванберг, поранешен извршен директор на Ериксон. Премиерот во интервјуто најави дека владата нема да претерува со вмешаноста во регулативите. 

Она што политичарите можат да го направат е да создадат услови компаниите и институциите да користат вештачка интелигенција и да ги развиваат своите апликации без непотребни ограничувања, изјави премиерот.

6 август 2025 - 16:38