Пример број 1: Гадот (еден вид оса) се намерачува на бубашваба двојно поголема од себе. Со своето осило, преку врат ѝ доаѓа до мозокот, таму ја боцнува во две прецизни локации и ѝ испушта една хемикалија. Потоа положува јајце во нејзиниот организам. Јајцето се претвора во ларва која расте и се развива сркајќи му ги соковите на организмот домаќин. Па после почнува да му ги јаде внатрешните органи, еден по еден! Хемиски обработената бубашваба за цело тоа време е жива, не е парализирана и - не се буни. На крај, чичка нова оса излегува кога од нејзиниот домаќин е останата само шасија.
Пример број 2: Вториот гад (црв) живее во стомакот на еден вид морски ракчиња кои ги викаат амфиподи. По некое време таму му станува тесно и има проблем. За да продолжи да живее, треба да заврши во стомак на птица. Но! Истовремено никако не смее да заврши во стомак на риба бидејќи нејзините стомачни сокови ќе го растворат. А амфиподите се омилена храна на многу видови риби. Затоа гадот со помош на една друга хемикалија (во овој случај не ја испушта самиот туку го тера домаќинот кој ја има да ја лачи во ненормални количини) почнува да манипулира со мозокот на ракчето, што го тера повеќе време да поминува на површината на водата (за да го види птица) отколку во длабокото (да биде голтнат од риба). Црвот дури може и да му ја менува бојата на ракчето за да биде повидлив од воздух.
Научниците се согласуваат дека главните алатки на овие ефикасни паразитски стратегии се допаминот и серотонинот, добро познати и проучени невротрансмитери. Истите кои играат голема улога во создавањето зависност од социјални мрежи.
Скролајте надолу.
* знаете ли дека и самото скролање по Фејсбук веќе има произведено медицински синдром кој се вика „zombie scrolling syndrome'?
Скролајте надолу.
А допамин шиба кога се добиваат лајкови, кога се материјализира (?) желбата да се биде сакан или прифатен, да се биде во некое друштво или слична социјална потреба. Како и сите живи суштества, и ние сме подложни на хемиски манипулации бидејќи мозокот ни е една хемиска чорба од чиј состав зависат многу работи.
Само што:
„Во предисторијата луѓето се држеле заедно за да не бидат изедени од посилните животни. За опстанок ни се неопходни социјални стимулации од блиските. Само што еволуцијата не беше подготвена тие социјални стимулации да ги добиваме од луѓе кои всушност не ги познаваме. Така не само што сме ранливи туку сме комплетно без одбрана,“ вели Патриша Гринфилд, психолог од УКЛА.
Ефикасноста на паразитските стратегии е ненадјебива. Не е чудно што над половина од сите живи организми на планетава се паразити. Кога можеш да се храниш од храната и енергијата на некој друг, не мора да одиш никаде и сам да бараш храна и енергија, така? А Фејсбук е преполн со такви (паразити) кои цицаат туѓа енергија за да го продолжат својот (социјален) живот.
Но, вистина е и дека не мора сите паразит-домаќин врски да завршат фатално. Штурците, на пример. Тие фаќаат еден црв од коњско влакно кое им живее во стомак и се храни од нив. Кога на црвот му станува претесно, „му прави“ на штурецот да му е жешко и да добие неодолива желба да се нурне во некоја вода. А кога веќе штурецот е во вода, црвот излегува од него и таму лесно наоѓа други браќа и сестри за парење. Фасцинантно е што еден штурец може многу пати да преживее такви паразити и да го прочистува своето тело со тој рискантен потег за влегување во вода. Во спротивно, ризикува зголемениот црв да му го експлодира организмот, епилог од кој сигурно умира.
„Затворањето на вашиот Фејсбук, Твитер или Инстаграм профил може да биде вашиот прв чекор во прочистувањето на организмот од паразити. Тоа може да биде вашето нуркање во водата“, порачува Мет Сајмон во Wired.
Не мора да сте бубашваба или амфипод.
Бидете штурец.