Израел тајно го напаѓал Иран и од Азербејџан

Елитни израелски специјални сили, спасувачки трупи и оперативци на Мосад дејствувале од локации во Азербејџан близу северната граница на Иран заради собирање разузнавачки информации, рано откривање на лансирања ракети, операции со беспилотни летала и спасувачки мисии. Израелски бази тајно биле поставени и во Ирак, Емиратите и во Сомалија.

Уфрлените израелски воено-разузнавачки одреди дејствувале од неколку локации во јужните региони на Азербејџан, во непосредна близина на границата со Иран, објави ЦНН, повикувајќи се на четири независни извори. Тоа на Израел му овозможило блиска поддршка на операциите и попрецизно следење на активностите. Еден центар бил воспоставен само 100 километри од иранскиот град Тебриз, кој беше гаѓан со проектили за време на војната.

Според CNN, подготовките почнале неколку месеци пред војната, за која Израел очекувал дека ќе почне во јануари. Американскиот претседател Доналд Трамп ги откажал нападите откако Иран се согласил да го запре задушувањето на масовните протести. Но, Израел независно ја продолжил тајната операција со проценки дека ќе пропаднат дипломатските напори на Вашингтон и Техеран за надминување на кризата. Војната почна на 28 февруари.

Израел уште во јануари во Азербејџан инсталирал опрема за собирање разузнавачки информации и уреди за следење на иранската воена активност, заради рано предупредување за лансирање ракети. Изворите на ЦНН укажуваат дена непосредно пред тајната израелска операција, министерот за надворешни работи Гидеон Саар го посетил Баку и се сретнал со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и други високи функционери.

Амбасадата на Азербејџан во Вашингтон го отфрли извештајот.

Категорично ги отфрламе неоснованите тврдења дека територијата на Азербејџан била употребена за операции против трети земји, соопшти Амбасадата.

Израел одржува безбедносни, разузнавачки и енергетски врски со Азербејџан, земја со мнозинско шиитско население, која има долга граница со Иран. Азербејџан му продава нафта на Израел, а купува оружје, кое имаше значајна улога за победата на Баку во војната против Ерменија за регионот Нагорно-Карабах. Азербејџан во 2016 година стана првата странска земја што го купи израелскиот систем за противвоздушна одбрана Железна купола.

Една од најзначајните операции започнати од Азербејџан била на 4 март - убиството на Рахман Могадам, шеф на разузнавачката дивизија на иранската Револуционерна гарда. Еден ден по убиството на Могадам, ирански беспилотни летала нападнаа аеродром во азербејџанската енклава Нахчиван, оштетувајќи дел од терминалот и ранувајќи неколку лица. Алиев го обвини Иран и го опиша инцидентот како „терористички чин“, додека Техеран негираше одговорност.

Два дена подоцна, Службата за државна безбедност на Азербејџан објави дека спречила наводен заговор на Револуционерната гарда насочен кон критична инфраструктура, како и кон израелски и еврејски локации во земјата. Израел подоцна призна дека операцијата била спроведена заеднички од Мосад, армијата и безбедносната агенција Шин Бет.

Азербејџан бил само една компонента од пошироката израелска мрежа - на север, запад и на југ од Иран, зголемувајќи го оперативниот дострел на војската.

Во Ирак тајно одржувал два тајни објекти за логистичка поддршка, кои можеле да послужат како бази за пребарување и спасување доколку бидат соборени израелски авиони.

Во Обединетите Арапски Емирати тивко распоредил батерија од системот Железна купола и персонал за нејзино управување.

Во Сомалиленд, самопрогласена република на Африканскиот Рог што Израел официјално ја призна во декември, израелските сили добиле пристап до објекти за поддршка на воздушни напади врз Иран.

6 јуни 2026 - 11:36