Идентична заблуда е и претставата дека во Давос алчните капиталисти и корумпираните политичари седат во мрачни, зачадени соби, со пијачка во рака (и линии по маса) и коваат планови како да станат уште побогати. Како што објаснува Никос Сотиракопулос, ќе има и такви (само многу поверојатно со органски чај), ама тие ќе бидат спорадични.
„Меѓутоа вистинскиот предизвик со кој тие се соочени е сосема поинаков - тие бараат цел на своето постоење, морален легитимитет,“ пишува Сотиракопулос во колумната за Спајкд.
Што се однесува до едната група, капиталистите, тој објаснува дека тие откако ги направија сите можни пари на светот, сега се прават дека пари не им се важни, и дека им треба повозвишена цел во животот, пример да работат поеколошки, да ја елиминираат сиромаштијата или да се борат со „фејк-њуз“ и он-лајн говор на омраза.
Другиве, политичарите, пак имаат изгубено допир со реалност и со обичните луѓе што треба да ги претставуваат (и што ги бркаат како покемони пред избори), и веќе не делат ни културни, ни општествени вредности со нив.
„Па затоа на сите нив им е многу попријатно со активисти како Грета Тунберг: таа споделува голем број од нивните гледишта и нејзиното возвишување им дава чувство на легитимитет што не можат да го одбијат од луѓе како нас.
Нејзините постојани укори кон нив, на сцена кои тие со задоволство ја обезбедуваат за неа, е цената што тие се подготвени да ја платат за да изгледаат важни и дека преземаат нешто,“ пишува Сотиракопулос.
Забелешката е речиси иста како на времето кога политичарите го исторошија од користење Боно за да се исперат од сите зла што ги правеа низ светот со преземање или не преземање нешто.
„Денешните ’радикални активисти’, вклучително и Грета, не им порачуваат на политичарите да си заминат од нашите животи. Наместо тоа, тие ги викаат нив да заземат поголема улога во нашиот живот, без разлика дали со промени во еколошкото однесување, цензурирање на говорот на омраза или менаџирање на нашето здравје.
И сето тоа е музика за ушите на политичката класа. На 1% им се неопходни овие активисти. А на активистите им е неопходен едниот процент.
Општествените движења беа сила за доброто кога бараа повеќе слобода и помалку дискриминација од моќниците. Меѓутоа тие повеќе не го прават тоа. Сега, голем број општествени активисти бараат од државата да им ги одземе слободите на обичните луѓе.
Анти-глобалистичкото движење, Окупирај и модерните еколози припаѓаат на оваа категорија. Тие имаат некои легитимни грижи, како проблемите на луѓето во земјите во развој или предизвиците од глобалното затоплување. Меѓутоа зад овие грижи, се гледа агенда во која овие наводни претставници на 99-те проценти му се обраќаат на едниот процент да се потруди да нè натераат сите нас да го промениме начинот на кој живееме. Без разлика дали тоа било со помалку консумирање, користење локални производи, помалку јадење месо, избегнување евтини авионски летови или заменување евтини и сигурни извори на енергија со скапи и несигурни, она што започна како кампања за ’зголемување свесност’ се претвори во повици моќниците да ги присилат обичните луѓе да се променат.
Активистите во Давос всушност се лобисти. Само за разлика од корпоративните лобисти кои се обидуваат да добијат даночни олеснувања или поволни закони, овие активисти-лобисти се борат за промени кои ќе имаат негативно влијание врз сите нас, посебно оние не толку ситуираните од глобалниот југ.
Отуѓени од масите, на овие активисти им е комфорно со технократи, бирократи и администратори кои со задоволство ги прогласуваат за легитимни претставници на ’граѓанското општество’.
Светот навистина се соочува со голем број критични предизвици. И покрај тоа решението не лежи во средби на елитите во планински брвнари каде решаваат што е добро за сите нас. Решението лежи во верба во човековата способност и мудрост, и давање простор за дишење на слободата за таа да напредува. Можеме да бидеме сигурни дека ова е една работа за која Грета и останатите активисти во Давос нема да се борат,“ пишува Сотиракопулос.