Меѓу притворените има најмалку двајца цивили кои се без обвинение и за кои не е закажано судење: медицински работник и млад продавач на храна, според адвокатите од Јавниот комитет против тортура во Израел (PCATI) кои ги застапуваат двајцата мажи. Цивилите се во подземниот комплекс Ракефет од јануари, каде што трпат тепања и разни измачувања типични за другите израелски притворни центри.
Затворот Ракефет беше отворен на почетокот на 1980-тите за да бидат сместени озлогласени криминалци, но беше затворен неколку години подоцна по извештаи за нехуман третман на притворените лица. Министерот за безбедност Итамар Бен-Гвир, наредил повторно да се стави во употреба по терористичките напади на Хамас од 7 октомври во 2023 година. Бен-Гвир изјавил дека Ракефет е обновен за да бидат изолирани терористи на Хамас осомничени за масакри и елитни борци од Хезболах заробени во Либан.

Затворот бил дизајниран за мал број затвореници со висок степен на обезбедување. Кога бил затворен во 1985 година во индивидуалните ќелии имало 15 мажи. Во изминатите месеци таму биле затворени околу 100 луѓе, покажуваат податоци од PCATI.
Според прекинот на огнот договорен во средината на октомври, Израел ослободи 1.700 палестински притвореници од Газа кои биле држени на неодредено време без обвинение или судење, како и 250 палестински затвореници кои биле осудени во израелските судови. Сепак, дури и по тоа масовно ослободување, најмалку 1.000 други сè уште се држат од Израел под истите услови.
Иако војната официјално заврши, (Палестинците од Газа) сè уште се затворени под правно оспорени и насилни воени услови кои го кршат меѓународното хуманитарно право и претставуваат тортура, соопшти PCATI.

Ќелиите, малиот „двор“ за вежбање и просторијата за средби со адвокатите се под земја, па затворениците живеат без никаква природна светлина.
Условите за Палестинците се ужасни во сите затвори. Сепак, Ракефет наметнува единствена форма на злоставување. Држењето луѓе под земја без дневна светлина со месеци има екстремни последици за психолошкото здравје, а влијае и на физичкото здравје, нарушувајќи ги основните биолошки функции, од спиењето до производството на витамин Д, вели Тал Штајнер, извршен директор на PCATI.
Мажите со кои се сретнале адвокатите раскажале дека по тројца или четворица се во ќелии без вентилација. Се соочуваат со физичко малтретирање, вклучувајќи тепања, не им се дава соодветна медицинска нега и добиваат мали оброци храна.
Тие имаат многу ограничено време надвор од ќелијата во мал подземен ограден простор, понекогаш само пет минути секој втор ден. Душеците им ги земаат рано наутро и им ги враќаат доцна навечер, оставајќи ги притворениците на железни рамки во инаку празни ќелии.