Во официјалниот документ доставен до владата, партијата Линке тврди дека просперитетот ја обврзува Германија да им се оддолжи на посиромашните земји кои заостанале во индустрискиот развој и поради тоа помалку ја загадувале природата.
Економскиот развој на Германија се базира на активности што ја нарушуваат климата и на деструктивно искористување на ресурси во странство. Ова ја направи Германија една од најбогатите земји во светот, додека луѓето во други земји мора да ги сносат последиците. Исплатата на репарациите би била обврска според принципот „загадувачот плаќа“, наведува Линке.
Пратеничката група на левицата ја аргументира иницијативата со податоци за историските емисии на јаглерод диоксид на Германија. Според „Our World in Data“, од 1750 година па наваму, на Германија ѝ отпаѓаат приближно 5,2% од глобалните емисии на ЦО2 кои потекнуваат од фосилни горива и индустриски процеси.
Линке ја повика владата да се придржува до својот дел од глобалниот план за обезбедување на најмалку 300 милијарди долари годишно за заштита на природата и за прилагодување кон климатските промени во земјите во развој. Оваа цел веќе беше договорена на Конференцијата на ОН за климатски промени во Баку во 2024 година, а треба да се реализира до 2035 година.
На конференцијата, Германија вети дека ќе обезбедува најмалку 6 милијарди евра годишно за меѓународно финансирање на климата. За 2024 година од буџетот издвоила 6,11 милијарди евра.
Лани во ноември Линке истакна дека Германија како поранешна колонијална сила е одговорна за експлоатација на други земји и затоа треба да обезбеди соодветен финансиски надомест.
Зад оваа иницијатива стои чувството на вина поврзано со колонизацијата на Глобалниот југ – генерализираната вина на левицата кон секој домороден жител од Јужна Америка, кон секој Африканец, а секако и кон секој Арап од некогаш колонизираните земји, особено кон Палестинците. Тоа е прилично едностран поглед на историјата, забележува Матијас Хохштетер за „Берлинер цајтунг“.