- Свештеници и политичари низ Иран ги засилија повиците до властите во Техеран да се откажат од официјалниот став дека нема да развиваат нуклеарно оружје, пишува Њујорк тајмс, наведувајќи примери од проповеди и изјави на функционери.
- Мохсен Резаи, задолжен за национална безбедност, изјави дека лидерите во Техеран почнале дискусии, но не донеле одлука дали да ја задржат предвоената нуклеарна доктрина ако САД или Израел ги обноват нападите врз Иран.
- „Повлекувањето од Договорот за неширење на нуклеарното оружје порано беше став на малцинството во иранското раководство. Сега станува став на мнозинството“, вели Мохамад Гадери, експерт за надворешни работи од Техеран.
- Иран тврди дека развива нуклеарна програма за цивилни цели. Покојниот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, издаде верски декрет со кој се забранува развојот и употребата на нуклеарно оружје. Фатвата е обврзувачка за сите државни институции, вклучувајќи ги војската и Корпусот на исламската револуционерна гарда. Тој пристап не ги спречи двете војни што Израел и САД ги почнаа против Иран – Дванаесетдневната од лани и операцијата „Епски бес“, во која загина и самиот Хамнеи.
- „Тој создаде ситуација во која Иранците платија висока цена за бомба што всушност ја немаа. Сега постои чувство дека ако не го поседувате ова најстрашно оружје, во секој момент би можеле да се најдете на милост и немилост не само на САД, туку и на Израел“, објаснува аналитичарот Мохамад Али Шабани.
- Партијата „Раам“ на Арапите во Израел го поддржа Гади Ајзенкот како мандатар за состав на идната влада, по парламентарните избори кои завршија без јасен победник.
- Со осумте пратеници од Раам, блокот зад Ајзенкот веќе има поддршка од 56 пратеници, повеќе од блокот на Бенјамин Нетанјаху (52).
- Тоа може да биде пресудно, бидејќи претседателот Исак Херцог денеска ги почнува консултациите со политичките партии и треба да му го додели мандатот на кандидатот кој има најголема поддршка во Кнесетот.
- За Ајзенкот се очекува да се определи и другата партија на Арапите – „Заедничка листа“, која освои 11 пратенички места.
- Ајзенкот пред изборите отфрлаше коалиција со партиите на Арапите во Израел, но би можел да состави малцинска влада, која би добивала поддршка за клучните одлуки.
- Договорот на Доналд Трамп со Владимир Путин за увоз на руски дизел се чини дека пропаѓа, откако два танкери скршнаа од курсот кон САД.
- Неколку недели пред изборите во САД, Трамп ненадејно ги укина санкциите за увоз на руски дизел за да ја спушти цената на горивото на пумпите.
- Американските резерви на дизел паднаа под 100 милиони барели првпат во последните две децении.
- Танкерот „Талисман“, кој е под санкции од САД, Британија и ЕУ, и „Леруо“, кој е под санкции од Британија, ЕУ и Канада, повеќе не го наведуваат атлантскиот брег на САД како своја дестинација. Првиот се упатил кон Средоземно Море и објавил сигнал дека чека наредба, а другиот скршнал кон Бразил.
- Во меѓувреме, трет танкер под санкции – „Бист“, плови кон САД откако на 27 октомври тргнал од руското пристаниште Приморск.
- Како можна причина за промената на курсот на танкерите, Фајненшл тајмс ја наведува неизвесноста дали ќе им биде дозволено да влезат во американските пристаништа поради легалноста на товарот.