Накратко:
- 18:47 Њујоркер објавува истражувачка сторија за јавниот обвинител на Њујорк, Ерик Шнајдерман.
- 21: 46 Шнајдерман поднесува оставка
За што се работи?
Ерик Шнајдерман се смета за шампион меѓу либералните демократи во поглед на заштитата на женските права. Тоа во текстот на Њујоркер му го признаваат и авторите Џејн Мајер и Ронан Фароу (овој вториов да го пазите, опасен дечко, за 24 часа извади и втора голема вест, за израелска разузнавачка служба најмена да го дискредитира иранскиот нуклеарен договор). Шнајдерман пред неколку недели јавно ги пофали Њујорк Тајмс и Њујоркер за нивните пулицерови стории на тема #MeToo. Очигледно немал појма дека новинарското душкање ќе тргне и во негов правец.
Инаку, Шнајдерман е човекот кој ги гони лустрираните злотвори од калиброт на Харви и Боб Вајнстин. Но, како што растеше неговата популарност, растела и загриженоста на жените со кои бил и кои добро го познаваат.
Луѓето на Њујоркер наоѓаат четири од нив, од кои две решаваат јавно да проговорат за Шанјдерман, со надеж дека нивната исповед ќе превенира слични случаи.
И двете сведочат дека Шнајдерман редовно ги шамарал, најчесто после пиење, секогаш во кревет и никогаш со нивна дозвола.
Откако сторијата беше објавена, ова се случуваше на социјалните мрежи:
- Во својата прва изјава Шнајдерман вели „Во приватноста на моите интимни односи, имам учествувано во „играње улоги“ и други консензуални сексуални активности. Никого немам нападнато и никогаш не сум учествувал во недоброволен секс што е линија која не би ја пречекорил“.
- Во 20:34, гувернерот на Њујорк, Ендру Куомо пушта изјава: “За доброто на институцијата која ја раководи, тој треба да даде оставка“.
- Во 21:11 Келиен Конвеј од Белата куќа ископува твит на Шнајдерман од октомври и го ретвита: „Никој не е над законот и јас ќе продолжам да го потсетувам претседателот Трамп и неговата администрација на тој факт секој ден!“ На тоа Конвеј додава: Камај!
И, толку од Шнајдерман.
„Последниве неколку часа, против мене се упатија сериозни обвинувања кои јас сериозно ги негирам. Иако обвинувањата не се поврзани со моето професионално обавување на должностите, тие ќе ме оневозможат да ја продолжам работата. Затоа, поднесувам оставка, заклучно со крајот на работното време на 8 мај 2018“.