Иднината со вештачката интелигенција тешко дека ќе биде целосно автоматизирана утопија, во која машините ќе работат, а луѓето ќе живеат во изобилство и хармонија и ќе имаат време за да ја изразат својата креативност.
Ова е прогнозата на нобеловецот Џефри Хинтон, попознат како „кумот на вештачката интелигенција“ поради неговиот придонес во технологијата. Тој е загрижен од однесувањето на информатичките гиганти и од огромните инвестиции.
Мислам дека големите компании се обложуваат на тоа дека ВИ ќе предизвика масовна замена на работните места. Очекуваат од таму да дојдат големите пари, предупреди Хинтон во интервју за Блумберг.
Тој објаснува дека не запираат инвестициите од стотици милијарди долари во револуционерната технологија, иако никој досега не профитирал. Опен АИ обезбеди договори во вредност од над 1.000 милијарди долари за изградба на инфраструктура за развој на ВИ, иако во изминатите три месеци забележа загуби од 11,5 милијарди долари, според Fortune.
Хинтон не верува дека овие инвестиции може да бидат исплатливи без сериозно нарушување на пазарот на трудот.
Верувам дека не може. За да заработите пари ќе мора да го замените човечкиот труд, вели Хинтон.

Од своите почетоци пазарната економија се потпира на експлоатацијата на човечкиот труд, без кој нема профит од разбоите, челичарниците и производствените ленти во фабриките за автомобили. Додека извлекуваат корист од експлоатираните работници, сопствениците сепак мораат да им дадат плати и да им обезбедат подобри услови отколку во конкурентските фирми. За инвеститорите, директорите и технолошките магнати ВИ може да го замени трудот на работникот, а притоа не бара плата, која го јаде профитот.
Вештачката интелигенција ветува дека ќе ги реши проблемите на капитализмот со отклучување на експоненцијален раст, елиминирање на трошоците за работна сила, намалување на квалификациите на работниците, оптимизирање на ефикасноста и манифестирање на мноштво други резултати, забележува истражувачот Џатан Садовски.
За Хинтон останува надежта дека технологијата ќе воведе нова ера на општествен развој, која конечно ќе ги направи излишни работниците во сегашната улога.
Вештачката интелигенција не е зло како нуклеарното оружје. Може да ја зголеми продуктивноста во многу, многу индустрии, и тоа треба да биде добро. Сепак, кој ќе има корист од тоа огромно добро ќе зависи од тоа како го организираме општеството, додава Хинтон.