По него имаат именувано аеродром, главен пат, парк, музеј, театар и најмалку шест важни сообраќајни клучки. Ама, малку е. Мумбаи сака дополнително да му оддаде почест на авантуристичкиот и воинствен Шиваџи, индискиот принц кој во 17-от век создаде царство. Според властите во областа Махараштра на која Мумбаи е главен град, логично решение е на Шиваџи да му се дигне споменик, најголем на свет.
Во 2004-та година започнаа со 98 метри, за да ја надвишат американската Статуа на слободата која е висока 93 метри. Работите се искомплицираа кога соседната област Гуџарат реши на еден свој локален херој (првиот заменик премиер на Индија кој е од таму) да му дигне споменик од 192 метра. А попат се рашири и информацијата дека Кинезите имаат Буда од 210 метри!
Како што ни е познато од вакви ситуации, следствено растеше и буџетот. Првично димензиониран на 16 милиони долари, тој во последната фаза е поголем за дури 36 пати.
Освен сумата на парите, целисходноста на нивната намена со оглед на државниот долг на Махараштра или загриженоста за уништување на локалниот риболов, на проектот може да му се замерат и други работи. Но, да се спротивставуваш на оддавање почит кон Шиваџи, во Мумбаи е исто како да плукаш по бебиња на улица, пишува Економист. И да има противници на идејата во парламентот и другите органи на власта, тие си ќутат, особено што знаат дека премиерот e фан на идејата.