Да почнеме со колоквијалните прашања: ја очекуваше ли оваа награда и колку таа интимно ти значи?
- Не очекував, стварно. Мојата пријателка Бранкица Петковиќ среди сè: одбра текст, ме номинираше, Олга Вуковиќ текстот го преведе и јас веќе заборавив на целата работа кога стигна меил од Лондон.
Колку ми значи? Пред сè, потврда дека пишувањето вреди и надвор од малиот јазик во кој се препелка. Кога тоа ќе ти го потврди сер Харолд Еванс, живата легенда на британското новинарство, тоа може да значи само две работи: или навистина си малку подобар од другите или преведувачката Олга е многу подобра од тебе.
Како изгледаше целиот церемонијал на доделувањето?
- Типично британски, опуштено, иако, на екстремно неопуштено место. "Улогата на новинарството денес? Еве ви го..." кажав покажувајќи низ прозорецот кон седиштето на Ројтерс, опкружено со стаклените небодери на Џеј Пи Морган, Берклис и останатите финансиски чудовишта. Водителот на ББС Џастин Веб малку се зезаше со Обама и Путин а сер Еванс потсети на некои заборавени тајни на новинарскиот занает, меѓу кои и онаа за новинарот контра струјата, во постојана борба против врежаните мислења и трајното недоразбирање со популизмот и популарноста.
Наградата ја доби за текст за Вуковар во кој заклучуваш дека тој град "залудно паднал". Можеш ли, за оние читатели кои тоа не го читале, накратко да го изнесеш своето мислење за денешниот Вуковар а посебно тензиите оклу двојазичните плочи? Постои ли Вуковар и каков е тој денес? Зошто залудно паднал?
- Залудно падна, се разбира, бидејќи падна само за да биде град- херој. За ништо друго; да биде жив споменик, испразнет од секаков живот, вон секоја друга причина за постоење освен таа воено-споменична, исклучиво како место - како велат - со посебен пиетет, односно посебна закана. Во колективните митологии, паднатите херои ги вградуваат своите животи во нашата иднина и ако јa нема таа иднина - aко Вуковар постојано биде оној од зимата 1991-ва- тогаш, јеби га, и математички паднал залудно.
Младите читатели можеби и не знаат дека во 1991-ва беше последниот (или првиот) новинар кој успеа да влезе во веќе окупираниот Вуковар, по што во Слободна Далмација објави антологиска репортажа. По интернет форуми и денес те критикуваат за тоа влегување во окупираниот град, бидејќи со тоа демек си го осквернавил споменот за Вуковар. Како ги коментираш тие обвинувања?
- Таа репортажа не е толку вредна како документ на тоа време, колку на ова денешното, интернетското. Десетина години околу неа се плете цела урбана легенда, се знае како на тенк на ЈНА, со шише ракија во една и четничко знаме во друга рака сум влегол во разрушениот град, како што ги знаат и сите останати вистини од тоа време.
Од тоа време сè уште постојат комплети весници па секој може да ја најде и да ја прочита таа репортажа. Јасно, освен ако тоа не се премногу букви на едно место.
За своето пишување во светот добиваш награди а дома судски тужби и навреди од анонимци по интернет форуми. Нели е тоа по малку шизофрено и како го помируваш тој дуализам на публиката која те чита?
- Лесно. Не знае светот какво српско ѓубре сум јас.
Твојот коментаторски колега Анте Томиќ неодамна за своето пишување сред Сплит беше полиен со кофа гомна. Заедно со него, и ти и други коментатори завршувате како ликови на демек духовити графити по сплитските ѕидови. Со оглед на тој контекст, како е да се живее и работи во Сплит?
- Знаеш како викаат, градот не го чинат куќите туку луѓето. Ако некаде е штета за тоа, тоа е за денес во Сплит. Градот во кој суштински исто си наебал ако во доцните 70-ти си пуштил коса или 30 години подоцна си имал поинакво мислење. Овој град панично се плаши од поинаквите и тоа е колосално тажно. Толкав град, а да се плаши. Луѓе, не се плашете од Анте Томиќ, тој тоа само така пишува по весници.
Многумина кои те прогласуваат за хрватомрзец, не знаат или не памтат дека уште во раните фераловски години, сатирички ги исмеваше глупостите на тогашниот југословенски социјализам. Затоа, Тито или Туѓман? Титоизмот или туѓманизамот, кој е поблагороден објект за сатира?
- Ни Тито ни Туѓман, фала на прашање. Убаво е тоа дополнително митологизирање, потребата на луѓето да се всидрат во мирно минато и јас тоа навистина го разбирам. Ама ни таа Југа не беше видеоигрица а митот за неа е всушност приказна за она што се случи подоцна, кога тој мит очајнички ни требаше. Затоа, ни еден ни друг. Иако, Тито беше поподатлив за сатира, просто затоа што беше позаебан играч. Туѓман самиот е како титова фотомонтажа, на прва топка. Слаб противник.
Заедно со Предраг Луциќ сте автори на прочуената енциклопедија Грејтест шитс: Антологија на хрватската политичка глупост. Што би рекол за хрватската политичка глупост? Ѝ снемува ли здив или станува уште пожилава?
- Тоа ме прашуваш додека еден од влијателните хрватски портали мртов сериозен објавува сензационално откритие дека Србите потекнуваат од Месечината или дека Земјата не е тркалезна туку рамна плоча под стаклено ѕвоно во кое нè контролираат Евреите. Ало??
Се чини дека Хрватска е безнадежно заглавена. Гледаш ли на домашната сцена некој изел, некоја фигура или партија која може да нè поведе кон "светлото на крајот на тунелот"?
- Цело време нас нè ебе тоа светло на крајот на тунелот. Целосно предадени на минатото, храбро продираме наназад па влезот во кој сме влегле во тунелот ни се чини како светло на неговиот крај. Па ќе тргнеме напред сè додека водачот не викне: "Луѓе, сме го згрешиле правецот, светлото е позади нас!" И така петстотини години.
Од надворешно политичките теми најактуелна е кризата во Украина. Кое е твоето видување на таа криза? Постојат ли таму гуд гајс или само различни нијанси на бед гајс?
- Да, Путин е како Милошевиќ или Хитлер, класичен бед гај, нема тука многу дилеми - долу Путин!, долу злосторничката агресивна Русија! и сè по тој ред, тоа веќе значи го решивме - ама што правиме со другата страна? Што правиме со украинската врхушка која со истиот тој Путин на тенк грнозничаво тргува и купува плин додека е уште на попуст? Што правиме со не баш малубројните украински неонацисти кои дигаат десна рака во воздух, што со ладнокрвните убијци меѓу самите демонстранти на Мајдан, што правиме, меѓу другото, со законот за забрана на рускиот јазик?
Што да правиме со чувството дека ја гледаме нималку невината туѓманова Хрватска во несомнено неправедната војна со Србија на Милошевиќ? Што правиме со чувството дека знаеме што следува, дека тоа веќе го имаме видено? Што кога ќе се препознаеме меѓу Украинците кои поинаку мислат а кои досега никаде не сте ги ни чуле ни виделе?
Како наградуван интелектуалец, сеге веќе со европски димензии, што воопшто би ги советувал младите во Хрватска? Да останат или да бегаат?
- Каде, јеби га, да останат? И каде, уште појебига, да бегаат?