Почитувана редакцијо, имате рубрика, DJ-и во Трендоленд за во која би сакал да предложам една песна.
Јас не познавам друг народ, друга култура што толку свежо ги живее своите трагедии.
Но, јас познавам еден народ, една култура, во која е жив споменот на голготата на немоќниот. Неговиот успех наспроти безизлезноста. И човечката природа на простувањето.
П.с. Каква опера би било ова. Ах!
Јане Крстески
Имала мајка, имала,
до девет сина убави,
десетти грозен Ѓоргија
Ѓоргија беше болничав.
Мајка на Ѓорги говори,
мани се Ѓорги од куќа,
да не ми грдиш дворои,
да не ми ругаш синои,
и високите сараи.
Ѓоргија мајка молеше,
дробни си солзи ронеше,
оф леле стара мајчице,
не ли сум уште малечко.
Пусти патишта ќе згрешам,
во гора ќе се изгубам,
ѕверои ќе ме изедат,
без тебе мале ќе бидам.
Мајка на Ѓорги говори,
мани се грозно глупаво,
мани се веќе од куќа,
више те мајка не сака.
Виде, не виде Ѓоргија,
дека го мајка не сака
пак мајка си ја замоли,
дај ми ги мале пљачките,
крпено и некрпено,
татко ми што ми ги кроил,
за убав ден и Великден,
Мајка му пљачки исфрли,
Ѓорги од куќа излезе,
Кога ми Ѓорги излезе,
Луто си мајка проколна,
Оф леле стара мајчице,
Кога од двори ќе излезам,
Црната чума да влезе,
Сараи да ти побута,
Дворои да ти запусти,
Синои да ти потепа,
Сама ти мајче да останеш,
и за Ѓоргија да кукаш.
Шетал си Ѓорги по гори,
по гори и по планини,
слегна си долу селата,
ценил се Ѓорги овчарче,
Слугувал девет години,
печалил Ѓорги печалил,
до триста овци јаганца,
станал ми Ѓорги чорбаџи.
Еднаш се Ѓорги нажалил,
за своја стара мајчица,
за девет браќа убави,
и високите сараи.
Собрал си Ѓорги овците,
кинисал Ѓорги пристигнал.
Кога ми дома пристигнал,
мајка пред порти седеше,
и за Ѓоргија кукаше.
Ѓорги на мајка говори,
Оф леле стара мајчице,
имаш ли конак за мене,
ноќеска да си преноќам
па утре ќе си земинам.
Мајка го Ѓорги не позна,
па му на Ѓорги говори,
оф леле синко делија,
имав конаци високи,
и дворои широки,
и девет сина убави,
десетти беше Ѓоргија,
Ѓорги ми беше болничав.
Јас си на Бога погрешив
Ѓоргија си го испадив,
Кога ми Ѓорги излезе,
Луто ме мене проколна,
Како ме Ѓорги проколна,
Пуста ме клетва достаса,
Каде е сега Ѓоргија,
Да си го мајка прегрне,
мајкини гревои да прости,
белки ќе мајка да пукне.
Ѓорги на мајка говори,
Јас сум ти мајко Ѓоргија,
Ѓоргија мајко, најгрозен,
најгрозен мајко, болничав,
Тогаш го мајка прегрна,
дробни си солзи пророни,
прегрна мајка, целувна,
и пукна мајка, од жалост.