Кога новинарката Дејл Русакоф во 2010-та кај Опра ги слушала Закерберг, тогашниот градоначалник на Њуарк Кори Букер и гувернерот Крис Кристи како зборуваат за 100 милиони долари вредната донација и плановите комплетно да се промени образовната слика на Њуарк, била сигурна дека тројцава знаат што зборуваат. Подoцна сфатила дека не е баш така. Четири и нешто години го следела одблиску проектот и напишала книга за тоа.
Според неа, главен проблем била идејата дека во некоја конкретна социо-економска средина озгора може да се донесе готов образовен модел и тој туку така да се имплементира. А потоа истиот модел да се понуди на национално ниво како франшиза. Образовните предизвици секогаш се конкретни, човечки, оптоварени со свој историјат и внатрешна логика. Целиот систем (а не само образовниот) бил дисфункционален и во такви услови тешко е да успее само еден сегмент. Реформаторите ги гледале училиштата изолирано, без да водат сметка за багажот кој учениците секојдневно го носат во нив, живеејќи во услови на тешка сиромаштија и лоши институции.
Речиси 50 милиони долари отишле на зголемени плати на наставниците. 25 милиони долари биле потрошени да се прошират тн чартер училишта (кои знаат да бидат квалитетни) а фрапантни 20 милиони долари им биле дадени на разно разни советници и експерти кои заработувале илјадници долари дневно за своите драгоцени совети од кои се очекувала магија.
"Награда" е дел од насловот на книгата на Русакоф. По неа, проблемот е во тоа што за вклучените субјекти (локални политичари, политички шефови и избрани функционери), наградата била контрола врз буџетот за да ја зголемат својата моќ и влијание. Сè додека наградата не се самите ученици и нивното знаење, од реформите нема да има многу ќар, порачува таа.