Кинеските власти оваа година распишале огласи за пополнување на 38.100 слободни места во јавната администрација. Се пријавиле рекорден број од 3,7 милиони кандидати, во просек по 97 за секоја позиција. Најпосакуваното слободно работно место е „службеник за имиграција“ во Жуили, град близу границата со Мјанмар, за кое аплицирале 6.470 лица.
Иако вработените во јавниот сектор генерално имаат пониски плати, работните места се посакувани поради сигурноста. Уште од првите години на економските реформи и отворањето на Кина, работењето во комерцијални претпријатија, а потоа и во приватни компании важело за ксијахаи, или „скокање во море“, додека полагањето на испитите за работа во јавниот сектор било шанган, односно „слетување на брегот“.
Оваа година старосната граница за општите кандидати е зголемена од 35 на 38 години, а за оние со постдипломско образование од 40 на 43, согласно планираното зголемување на возраста за пензионирање.
Стареењето на населението во комбинација со традиционално нискиот праг за пензија многу брзо ќе го преоптовари пензискиот фонд. Поради тоа владата лани, првпат по 1950-те, одобри постепено зголемување на законската возраст за пензионирање за жените - 50 на 55 години за оние во погоните и од 55 на 58 години на работни места во канцеларии. За сите мажи возраста за пензионирање ќе се зголеми од 60 на 63 години.

Стапката на невработеност во Кина е 5,1% за општата работна сила и 17,3% за лицата на возраст од 16 до 24 години, со исклучок на студентите. Пазарот на труд беше нарушен поради намалената потрошувачка по пандемијата. Многумина млади и образувани Кинези во изминатите години претпочитаат да не работат ништо отколку да прифатат позиција што не одговара на нивото на нивното образование, им носи пониска плата и помали бенефиции. Идната година на пазарот на труд ќе пристигнат уште 12,7 милиони дипломирани студенти.
Испитот за државна служба е познат по својата исцрпувачка природа. Има прашања од право, физика, биологија, политика и логика. Од лани има и прашања од политичка теорија, кои се однесуваат на главните говори на лидерот Си Џинпинг во изминатите 12 месеци и на пленумите на Комунистичката партија.
Триесет и петгодишна мајка од Сјаохонгшу ја опиша за Гардијан својата подготовка за тестовите, паралелно со грижата за децата и за домот.
Подготовките почнуваат со будење во 4 часот. Деновите се за PowerPoint презентации, а ноќите се за формули и сликовници, вели жената.
******
Види и: Гаокао, најтешкиот приемен на светот