Склоноста кон пиењето и претерувањето во него донекаде неправедно му се припишува исклучиво на машкиот пол. Тоа е воглавно вистина - донекаде барем, велам...Традиционалното воспитување на женските деца не е благонаклоно кон „консумацијата" на алкохолни пијалоци, а од друга страна „вистинскиот маж" треба да има цуг, тоа му доаѓа ко квалификација за неговата машкост. Мажот кој не пие или е пичкица (ако не и полошо); или докторот му забранил под закана на смрт; или кренал раце од пиење кога сфатил дека тоа не води кон добро, затоа што веќе пробал, и видел каде води.
Мојата генерација мажиња уште ја уживаше таа привилегија нивната класна во гимназија (убавицата Богданка во мојот случај) да нè однесе во некогаш постоечката злосреќна кафана „Лион", каде сега се продаваат детски играчки, а по повод добриот успех по филозофија за четврти клас гимназија. Секако бевме многу умерени. Богданка беше во право, со оглед на тоа што сè нè чекаше во идниот наш машки живот, студиите и придружните појави, подобро веднаш да видиме за што станува збор, и на тоа до ден денешен сум ѝ благодарен. Потоа на матурска се направивме камења, па утредента ја сфативме нејзината порака: полека со тоа.
Пиењето е - ако не си заколнат трезвеник (за мене досаден вид луѓе) - неизбежен порок во машкиот живот. Особено во некои занимања кои сега нема да ги набројувам, но веќе погодувате. Не го кажувам ова заради правдање или простување на оние кои во тоа претеруваат; тоа едноставно е тука, како цивилизациски феномен. Не е дека од пиењето нема корист и утеха: нашиот прататко Ное така почнал да ја одгледува виновата лоза веднаш по завршувањето на оној потопот, штом слегна од врвот на Арарат (не знам само како, но добро, не треба да се сомневаме во Светото писмо). Алкохолот е - велат докторите - анксиолитик и вазодилататор, со обичен јазик, тој ја отстранува јанѕата (Angst) и ги шири крвните садови. Во умерени количества, секако. На мажите им е судено помеѓу другото и заради воинствената родова улога: „Без рум нема бум", повторуваше дедо ми Нико поговорка од војска. Искрено кажано, алкохолот е меѓу поважните и попопуларните средства за одбрана од „прачките и стрелите на судбата алчна“, да не инсистирам на политички и здравствено некоректните еулогии. Ало, луѓе: треба да се остане жив и смирен во јадовите и проблемите на овој свет, особено денес (иако секогаш било повеќе или помалку исто). Тоа, секако, не значи дека треба човек да се упропастува до тотална анестезија како извесни северни народи кои тоа го прават во петок и сабота, затоа што преку работната недела ринтаат од утро до мрак. Ние, средоземните народи, ја имаме таа култура на пиење која се сведува на умереност, но ние сме друго.
Ќе допуштиме, значи, дека умереното пиење во текот на денот помага од разни јадови, нервози и бесови: под услов да се задржи присебноста на духот. Какви се времињава, тешко на трезните. Мажот со право ќе очекува неговата единствена и сакана со разбирање да го дочека таквиот, под дејство (би рекле сељаците), умерено до малку припитиот и со соодветна добра волја. Оние терсене пијаниците, кои веднаш би се расправале, не ги поднесува никој, а најмалку нивните жени - што е и логично. Тоа е исправно: таквите не треба да пијат, а кога пијат тогаш се за тепање. Слично е и со бедниците кои „пијат да заборават", наместо да пијат за да запамтат, како сиот нормален свет. Во опишаните рамки, значи, умереното пиење не е проблем, дури е и решение за многу маки. „Луѓето мислат дека е лесно да се пие", велеше еден од моите рани учители во Школата на животот, г-дин Ферман, сериозен режисер (подели Оскар со Душко Вукотиќ). „Се лажат: не е лесно. Тоа е вештина, дури и уметност". За жал, секоја будала мисли дека може да пие - и така со векови. Тука, се плашам, нема помош, како и инаку со будалите.
Кога пак се работи за жените, работите не се многу поинакви. Знаев и мали и ситни кои можеа да испијат Божји дожд и пак да останат присебни, знаев и такви кои ги поевме со капачиња од лоза: едно ѝ е малку, две ѝ се многу. Како и со некои мажи кои ги познавав, впрочем. Една сакаше бело вино, но ем чисто, ем студено; мразот ја нервираше, па се сети: бокал бело разлеваше во калапи за мраз и ги ставаше во замрзнувач, па ем имаше бело ем студено. Ниту еден маж не се сетил на тоа - колку што знам. Е, сега: пијана или фатена жена во принцип е исто како и пијан или фатен маж, уште не сум забележал разлика. Но ако добро разбрав, обете се човечки суштества, со повеќе или помалку исти физиологии и метаболизми: некои поднесуваат алкохол, некои не (кондицијата секако игра улога, би рекол г-дин Ферман).
За обата пола (рода?) сепак е битно да ја знаат својата мерка и граница во пиењето. Имам драга пријателка која точно знае кога треба да престане и да се повлече: и самиот сум таков: после одредена граница минувам на обична вода до крај, па макар и до зора (што веќе и не ми се случува, ми се спие, стар сум).
И тоа ви е сета таа вештина и памет; ништо особено, но ретко кој ја има.
автор: Милош Васиќ
извор: Време