„Потпоручник Зјумбумбунчиков“ - блесавата страна на Чехов

Антон Чехов е еден од најпознатите писатели на сите времиња, за кого би се рекло дека не може да се открие нешто ново. Но нова збирка на приказни и хуморески објавена англиски јазик го прикажува во поинакво, неочекувано комично светло. 

„Чехов: најрани раскази, новели, хуморески, 1880-1882“ е првиот сеопфатен англиски превод на најраните дела на овој автор, напишани во првата половина на 1880-тите, кога тој имал само 20–22 години. Преведувачките, Розамунд Бартлет и Елена Михајловска, велат дека голем број од овие текстови никогаш не биле сметани за „достојни“ за објавување, бидејќи се премногу детинести и шеговити – полни со игри на зборови, смешни имиња и апсурдни ситуации. Работејќи на нив, самите се смееле до солзи.

Во тие години Чехов пишувал под различни псевдоними и се обидувал да заработи по некој копејка, бидејќи неговиот татко банкротирал, а тој самиот плаќал за медицинските студии и ја издржувал семејната куќа. Во раните раскази има сè – од села со апсурдни имиња како „Изедени палачинки“ до железнички станици што се викаат „Тресни“, „Бум“ и „Мошеникград“ (мошеник-измамник, бараба). Меѓу 58-те текстови има и ликови со бесмислени, но смешно звучни имиња како потпоручник Зјумбумбунчиков.

Иако Чехов подоцна станал сериозен литературен автор и доктор, во овие рани дела се гледа дека започнал како хуморист, кој пишувал за комични списанија за неколку копејки. Тогаш ни самиот не верувал дека неговите дела ќе се паметат подолго од неколку години и често бил самокритичен, дури и кон најпознатите и најомилени раскази како „Дамата со кученцето“ или кон драмите што денес се изведуваат ширум светот.

Овие рани, игриви и целосно поинакви раскази на младиот Чехов се одлична можност да се види една негова поразиграна, помалку позната страна.

25 ноември 2025 - 09:12