Зошто медицинските драми се толку привлечни?

„Ургентен центар“, „Доктор Хаус“, „Oва ќе боли“, „Добриот доктор“ или „Д Пит“. На првa, не изгледа особено привлечно да се гледа серија што го следи секојдневието на лекарите: медицински термини, повреди, крв, неизвесност и смрт. Сепак, високата гледаност и долгите сезони на овие серии покажуваат дека публиката е заинтересирана, дури и опседната. Зошто?

Лекарите се присутни на телевизија повеќе од пет децении. Во раните серии тие најчесто се прикажувани како речиси натчовечки фигури: непогрешливи, привлечни, пожртвувани и со совршен однос кон пациентите. Со текот на времето, сликата се менува – лекарите стануваат посложени, понекогаш антихерои: и понатаму харизматични, но оптоварени со лични проблеми, зависности и психолошки кризи. 

Здравјето е исклучително важна тема. Токму затоа, приказните за болести и ризици имаат силна привлечност. Во медицинските драми често се појавуваат ретки дијагнози и компликации – сè што може да тргне наопаку, навистина тргнува. Тоа создава ефект сличен на „сообраќајна несреќа“: сакаме да го тргнеме погледот, но не можеме. Иако немаме медицинско образование, преку гледање стекнуваме впечаток дека подобро го разбираме сопственото тело. Не е реткост гледачите да пребаруваат симптоми на интернет по одредена епизода, обидувајќи се да ги поврзат со реалниот живот.

Освен тоа, медицинските драми го активираат симпатичкиот нервен систем – односно реакцијата „бори се или бегај“. Но наместо шпиони и криминалци, тука станува збор за обични луѓе и ситуации што лесно можеме да ги замислиме во сопствениот живот. Стравот е реален, но безбеден – додека некој се бори за живот ние сме на безбедно. Токму таа комбинација на напнатост и сигурност создава силна емоционална ангажираност.

Сериите како „Д-р Хаус“ и најновата „Д Пит“ создаваат и илузија на знаење и контрола. Делува неверојатно како дури и во најхаотичните сцени персоналот си ја врши својата работа најдобро што може, и покрај тоа што условите не се идеални. Не само што ги следат протоколите туку се и „од мајка родени“ па знаат да ја покажат и потребната хуманост и грижа за човечкиот живот воопшто.  Тоа ни дава надеж, дека може да е така или дека во некои здравствени институции и навистина е. Во најновиот швајцарско-германски филм, пак, „Трета смена“, се алармира на недостатокот на болнички кадар во речиси сите здравствени системи - филмот завршува со белешка дека до 2030 година ќе недостасуваат дури 13 милиони медицински лица во светот.

Уште во антиката Аристотел зборувал за „катарза“ – прочистување на емоциите преку трагедијата. Медицинските драми ни го овозможуваат токму тоа: гледаме луѓе што се борат да спасат животи, ги согледуваме нивните слабости и сили. Преку нивното искуство и ние учиме – не само што значи да се биде лекар, туку и што значи да се биде човек. Како социјални суштества, учиме преку другите. Сите имаме тело, сите стравуваме од болест или повреда – своја или на некој близок. Затоа гледаме како ликовите се справуваат со вакви ситуации и се обидуваме да замислиме како ние би реагирале. Медицинските драми често отвораат и пошироки општествени теми: семејно насилство, трошоци за здравствена грижа, ментално здравје.

Оттаму, медицинските драми не се само забава. Тие создаваат културен дијалог за здравјето, болеста и одговорноста. Иако не се секогаш целосно точни, тие влијаат врз начинот на кој размислуваме за медицината, но не како за апстрактна област туку во сета нејзина примена, заедно со крвта, потта и солзите. 

Види претходно Букбокс читанка: „Доктор Хаус и филозофија: сите лажат“ (2012)

2 март 2026 - 10:20