Во антологиска сцена во овој колумбиски филм на Симон Меса Сото, двајца поети - едниот пославен од другиот - мочаат еден до друг во писоари, по пијанка по повод книжевен фестивал. Во крупен кадар се појавуваат нивните два пениси, едниот (на помалку талентираниот) поголем, ама другиот пофункционален, со брз и одлучен млаз. Сите метафизички метафори за битието и ништожноста во тој момент се излеваат право во канализацијата, а од „поезија“ останува само п-то.
Насловот на „Поет“ не залудно е нечленуван, бидејќи не се однесува на конкретен човек со таква професија, туку на егзистенцијална состојба на духот, во која тој (поетот, духот) во мракобесијата на реалноста наоѓа монистра за нижење на своите рими. Токму таков човек е Оскар Рестрепо, кој во младоста објавил две книги и ветувал многу. Но во моментот во којшто го запознаваме, во средните години, неговиот живот изгледа сосема поинаку: невработен, разведен, живее со мајка му но знае да преспие и на улица, пие и со другарите расправа кој е најголемиот колумбиски писател. Сестра му постојано го притиска да најде работа, а неговата ќерка-тинејџерка се срами кога ќе се појави „направен“ во нејзиното училиште.
Пресвртот се случува кога Оскар почнува привремено да работи како професор во средно и ја запознава Јурледи, тинејџерка која извонредно пишува (и црта), без претензии да биде објавувана или читана. Импресиониран од нејзиниот талент, тој решава да ја земе под свое менторство, надевајќи се дека преку нејзиниот успех ќе ја врати и сопствената изгубена слава. Но Јурледи има поинакви приоритети. Доаѓа од сиромашно семејство и повеќе ја интересира како да им помогне на своите дома и да изучи за шминка и нокти - нешто што носи реални пари и храна.
Сатирата станува уште поочигледна кога Оскар ѝ обезбедува место во престижна поетска школа. Таму институцијата и нејзините донатори брзо ја претвораат Јурледи во симбол и маркетиншки адут — млада црна девојка со скромно потекло што може да донесе публицитет и финансиска поддршка од странски организации. Филмот остро ги критикува уметничките кругови: самопрогласени ментори, покровители што преку пари и влијание контролираат пристап до културата и богати поддржувачи кои сакаат да изгледаат прогресивно поддржувајќи маргинализирани групи.
И покрај сето ова, меѓу Оскар и Јурледи сепак се воспоставува вистинска врска. Таа во него можеби го гледа отсутниот татко, а тој пак преку неа сака да покаже дека сепак го бива за нешто - ако не за сопствена поезија, тогаш за менторство на талентиран поет. И покрај сето лудило во и околу него, тој е практично единствениот кој се бори за достоинство на уметникот, одбивајќи неговиот пулен да флертува со вкусовите и очекувањата на публиката. „Погледни ги девојките од поетската школа, со нивните влакнести пазуви, сите се лути. Работата не чини. Поезијата не е она што беше“, вели успешниот колега од писоарот, раководител на поетскиот фестивал, кој со своите зборови прави „црната дупка“ во поетскиот универзум дополнително да се прошири.
Двата главни актери, Убеимар Риос и Ребека Андраде (поетот и поетесата) всушност и не се професионални глумци, што додава на нивната спонтаност и уверливост. А институционалното третирање на уметноста со сите местенки и позирања сигурно ќе ве потсети и на некои наши состојби.
Илина, Букбокс