Печатницата се појавила во средината на 15 век, а оттогаш количината на напишан текст постојано расте. Прашањето дали со огромното зголемување на продукцијата расте и квалитетот, или само количината, не е ново. Всушност, токму писателите често биле најостри критичари на сопствената професија. Еден од нив бил Џонатан Свифт, кој во „Гуливеровите патувања“ ја исмева идејата дека повеќе пишување автоматски значи повеќе знаење.
Во едно од патувањата, Гуливер стигнува во Лагадо, каде што се наоѓа Академијата на проектантите – институција полна со луѓе што се занимаваат со најразлични, често бесмислени научни проекти. Таму му ја покажуваат таканаречената „Машина“ – огромна конструкција од дрво и жици која автоматски создава текст. Нејзиниот пронаоѓач тврди дека со неа и најнеукиот човек, со малку физички напор и без никаква дарба или образование, би можел да пишува книги од областа на филозофијата, поезијата, политиката, правото, математиката и теологијата.
Машината е составена од голем број подвижни делови на кои се испишани зборови. Помошници ги вртат и ги мешаат, а потоа други луѓе ги запишуваат добиените комбинации. На читателот од 18 век ова му изгледало како апсурдна и комична слика на научниот прогрес. Но денес, кога со неколку зборови можеме да побараме од компјутер да напише есеј, песна или текст за речиси која било тема, идејата звучи многу помалку фантастично.
Според историчарите на компјутерите, „Машината“ на Свифт е една од најраните книжевни претстави на нешто што би можело да се спореди со компјутер. Секако, Свифтовиот механизам не бил вистински компјутер во денешна смисла. Повеќе личел на генератор на случајни комбинации: машината би исфрлала зборови според однапред утврден систем (читај: алгоритам), а од нив би можеле да се создаваат различни текстови.
Токму тука се појавува интересната паралела со денешната вештачка интелигенција. Свифт замислувал машина која треба да произведе „целосен корпус на сите уметности и науки“, иако самиот автор очигледно не верувал дека таквата машина навистина може да произведе вистинско знаење. Денес, пак, веќе имаме системи што можат за секунди да создадат текстови кои личат на напишани од човек. Сè уште можеме да расправаме дали тие навистина „знаат“ нешто или само убедливо комбинираат информации, но идејата дека машина може да произведува текст веќе не звучи како научна фантастика.
Сепак, Свифт не ја предвидувал вештачката интелигенција во современа смисла. Неговата мета била пред сè тогашната научна култура, особено ентузијазмот на Кралското друштво кон експерименти и пронајдоци кои според него премногу лесно се одвојувале од здравиот разум и практичноста. Во Академијата на проектантите Гуливер гледа научници кои се обидуваат да извлечат сончеви зраци од краставици, да го омекнат мермерот за да прават перници, да ги заменат свилените буби со пајаци и да ги хранат со шарени муви за конецот однапред да биде обоен. Други се обидуваат да мешаат бои според мирис, да ја реконструираат храната од измет и да градат куќи одозгора надолу, по примерот на пчелите и пајаците. А пак трети им ја доделуваат благородната задача на пишување книги на машините.
извор