Факт: Хиените се полни со енергија

Некој наш сограѓанин се пожалил до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација дека се почувствувал етнички дискриминиран од една статија на нашиот сајт. Статијата е поврзана со хиени и Бугари. Хихи.

Почитувани,
„По два неуспешни обиди за достава на барање за изјаснување до Вашата адреса на седиште, во прилог Ви го доставуваме барањето за изјаснување по поднесена претставка за заштита од дискриминација против Трендоленд ДОО Скопје“, ни пишува на меил Комисијата, доставувајќи ни ја претставката против нас.

Во целата таа незграпно скенирана претставка која ја добивме во пдф формат, нема ништо суштинско, освен еден скриншот од наша статија (линкот до неа е овде):

************

Одговор на уредникот:

Почитувани,

Не знаеме зошто не сте успеале да го доставите барањето иако ја имате точната адреса која е објавена на нашиот импресум. Видете тоа со курирската или поштенска служба која ја користите за таа намена. Ние сме везден на таа адреса, особено сега кога има фудбал, а ние на работа имаме телевизор и пиво.

Ќе бевме подготвени веднаш да ви одговориме на барањето да се „произнесеме по наводите“, само што ние никакви наводи во вашето барање не гледаме. Сте ни пуштиле скриншот од една наша статија (ја знаеме) и ништо друго. Ни збор, ниту од вас, ниту од жалителот. Кои се наводите на кои би требало да одговориме?

За да избегнеме пинг-понг преписка, да се обидеме да одговориме „на невидено“.

Внесувањето животни и нивните карактеристики во една нарација е стара ЛИТЕРАТУРНА алатка. Уште од Езоп па наваму.

Во наведената статија, во прашање се хиените.

* Овие животни се драгоцени за одржувањето на рамнотежата во животинскиот еко-систем.
* Меѓу другото, важат за најдобрите мајки во животинскиот свет бидејќи на своите мали им посветуваат повеќе време и енергија од кое било друго терестријално животно.
* Хиените живеат во матријархат, со алфа-женка како предводник на кланот.
* Важат за љубопитни и извонредно интелигентни животни. Во некои аспекти, нивната интелигенција е поголема и од онаа на големите примати.
* Женскиот „псевдо-пенис“ (во суштина аугментиран клиторис) е ефикасно средство „против силување“ бидејќи ѝ дава шанса да одбере со кого ќе се пари.
* Хиените се и вонсериски ловци. Теренски студии покажуваат дека лавовите крадат туѓ плен почесто од хиените.
* Дури и нивната непребирливост во исхраната е драгоцена затоа што расчистувајќи ги мршите и остатоците, спречуваат ширење на заразни болести. Сајентифик Американ, на пример, тврди дека на овој начин хиените годишно спасуваат околу 50.000 човечки животи.
* Една од навивачките групи на Црвена ѕвезда сами себе се нарекуваат „Хиени.“ За сами етнички да се дискриминираат?

* напомена: за секој од овие наводи можеме да ви обезбедиме соодветни линкови.

Заради која од наведените карактеристики на хиените, жалителот  почувствувал дискриминација по етничка припадност?

Почитувани,

Очекуваме малку поголема сериозност, сепак сте се зафатиле со одговорна работа. Кога барате од некого да се „произнесе по наводите“, првенствено треба да наведете наводи.

За да не мораме ние вака да се бавиме со асоцијациите на некој кој премногу го гледал „Lion King“.

живи здрави,
Трендо,
уредник на офф.нет.мк

6 декември 2022 - 14:36