Гледанка

Букбокс на Манаки: „Татковина“ (2026)

На претпоследниот ден на Фестивалот на филмска камера во Битола беше прикажан најновиот филм од трилогијата на Павел Павликовски, кој ги вклучува и „Ида“ (2013) и „Студена војна“ (2018). И овој се однесува на повоена Европа и е црно-бел. Но овој пат во фокусот е еден од најголемите германски писатели кои од надвор градел слика на аристократска воздржаност, но чии подоцна објавени дневници укажуваат на приватно длабоко несреќен човек. Овие контрадикции се огледало на длабоко поделената Европа помеѓу Запад и Исток по Втората светска војна. 

Букбокс гледанка: „Тони“ (2026) или - одма давајте нов филм за Бордејн!

Наместо гозба за кралеви, тенка супица, со само едно сирото магдоновче кое лебди осамено на површината. Кадешто останува и приказната за најпознатиот готвач на светот, кој сакаше да живее не во храм, туку во луна парк. 

Букбокс гледанка: „Противниците на Амзаја Кинг“ (2025)

Не мора возбудлив драма-трилер да е секогаш со ограбување банки или правење „мет“ во тајна лабораторија. Може да биде и за луѓе што чуваат кошници со пчели, во услови кои и не се баш мед и млеко. Филм за добро расположение, со уште подобра музика, дури и македонска песна!

„Притисок“ или метеорологот што го убеди Ајзенхауер да го смени датумот на денот-Д

Во 72 часа пред сојузничкото слетување во Нормандија, одлуката дали ќе има инвазија зависела и од нешто што денес можеби звучи неверојатно: временската прогноза. Филмот „Притосок“, со Ендру Скот и Брендан Фрејзер, ја раскажува вистинската приказна за метеорологот Џејмс Стаг и неговата пресудна улога во одлуката на Ајзенхауер.

Две вечери, два пара и eдно незгодно: „Луѓето од горниот кат“ (2020) и „Поканата“ (2026)

Два филма, една вечера и два сосема различни погледи на љубовта, бракот и сексуалноста. Што се случува кога четворица соседи ќе престанат да бидат пристојни? Токму врз оваа навидум едноставна премиса се базираат два филма - оригиналниот шпански и неговата нова, американска преработка. Со сите свои културолошки нијанси, тие (и другите верзии на истиот текст) сепак зборуваат за универзални нешта, препознатливи во сите контексти.

Букбокс на Македокс: „Руини“ (МК, 2026)

Документарецот на Елена Чемерска, кој премиерно се прикажа во склоп на тековната програма на Македокс, е истовремено многу убав и многу болен. Тој покажува дека понекогаш каменот не е најтрајниот споменик - некои приказни, и покрај сè што ќе ги нагриза, се покажуваат поиздржливи од него.

„Бекрумс“ - хоророт што треба да го гледате и ако не гледате хорори

Што ако најстрашното место на кое можете да се најдете не е напуштена куќа, гробишта или некоја темна шума, туку сосема обичен салон за мебел? Жолти ѕидови, тепих, флуоресцентни светилки, ниски таваници, празни простории што личат една на друга. Токму од таа едноставна, речиси банална слика еден 21-годишен режисер прави филм кој плаши, иако во него не се случува ништо посебно страшно. Само прикажува како функционираат нашите „задни простории“.

Серијата „Одисеја“ на РАИ од 1968 или го заборавивме Беким Фехмиу

Освен медиумите на албански јазик во регионот, ретко кој се сети во контекст на интересот за новата верзија на „Одисеја“, на една легендарна од 1968, во осум продолженија емитувана на РАИ (достапна со превод онлајн). Во продукција која сигурно била огромна за тоа време и со прилично прецизно следење на хомеровиот еп, главната улога ја добива човек кој навистина личи како да е од древниот медитерански свет. Беким Фехмиу со својата појава, глас и воздржана „кулоќа“ се покажал како идеален избор. 

Букбокс гледанка: „Денот на разоткривањето“ или Спилберг, ти си?

Во поголемиот дел од 39-тиот игран филм на Спилберг единствени што разбираат што навистина се случува се два лика со натприродни способности, за кои и самите не знаат од каде им се. Ние до крајот останавме во онаа другата група, ем без посебни когнитивни вештини, ем посиромашни за два и пол часа. 

Букбокс гледанка: „Амели или карактерот на дождот“ (анимиран, 2025)

Филмот, кој беше номиниран за Оскар за 2026, ја буди носталгијата по детството и потсетува колку силно раните искуства и луѓето што ги среќаваме во тие години го обликуваат нашиот идентитет. 

Букбокс гледанка: „Поет“ (2025)

Филмовите за неуспешни уметници често лесно паѓаат во замката на романтизирање на страдањето или претворање на кризата во клише. Но „Поет“ избира поинаков пат. Наместо приказна за генијалност и триумф, тој нуди горчливо-смешен портрет на човек кој одамна останал заглавен меѓу сопствените амбиции и реалноста. Но дали е тој „лудиот“ или оние околу него кои ја девалвираат вредноста на уметноста, спојувајќи ја со „исплатливост“ и его?

Букбокс гледанка: „Со среќа, уживај, не умирај“ (2026)

Забавна комбинација на акција-комедија, апокалиптична сатира и референци на популарна култура, што се занимава со една од најголемите современи опсесии: стравот од вештачката интелигенција.

Букбокс гледанка: „Торта за претседателот“ (Ирак, 2026)

Има нешто во блискоисточните филмови (Ирак, Иран), барем во оние кои стигнуваат до нас, кое прави однапред да знаете дека ќе ве потресе. Но не на некој сеизмичен начин, туку тивко, со сцени во кои е доволно да има само две деца со големи очи и еден петел.

Букбокс гледанка: „Враќањето“ (2024)

Филм на Уберто Пазолини - адаптација на митот за Одисеј, но само делот со враќањето. Иако ова фокусирање на финалето најпрвин делува како добра идеја, кастрењето на нарацијата за таа да личи на разрешување на модерна брачна криза - без богови и киклопи - всушност се покажува како голема утка, дури и со прекрасните Ралф Фајнс и Жилиет Бинош во кадарот.

Букбокс гледанка: „Случајот на Фрида“ (2025)

Дебитантски филм на германско-швајцарската режисерка Марија Брендл (достапен на ХБО), во кој таа се навраќа на малку познат, но историски значаен судски процес. Базиран на вистински настани, филмот ги отвора прашањата за срамот, моралот и борбата за женска еманципација, следејќи ја судбината на младата шивачка, обвинета во 1904 година за убиството на својот петгодишен син.

Букбокс гледанка: „Шведската врска“ (2026)

Филм на Нетфликс кој ја прикажува комплексната положба на Шведска за време на Втората светска војна. Во центарот на приказната е навидум обичен службеник во Министерството за надворешни работи, Геста Енгзел, кој постепено станува свесен за ужасите што нацистичкиот режим ги спроведува врз Евреите во Германија и окупираните територии. И одлучува да стори нешто во врска со тоа.

Букбокс гледанка: „Пцујам“ или како е да се живее со Турет?

Во време кога инклузијата често останува декларативна, оваа биографска драма ја раскажува вистинската приказна на Џон Дејвидсон – човек кој од „срамна семејна тајна“ прераснува во јавен застапник за луѓето со Туретов синдром.

Букбокс гледанка: „Кралицата на шахот“ или приказната за Јудит Полгар

Новиот документарец достапен на Нетфликс ја раскажува приказната за најуспешната шахистка во историјата – жена која го предизвикала машкиот доминантен свет на шахот и дури го победила својот идол Гари Каспаров. Започнала да игра на 5-годишна возраст под доминантната рака на својот татко, кој со неа и другите две ќерки всушност спроведувал своевиден експеримент. 

Букбокс гледанка: „Еретик“ (2024)

Да се раководевме само од жанровскиот опис на овој филм, кој се води како хорор, никогаш немаше да го пуштиме. За среќа некој внатрешен глас ни кажа дека тука може да има поинаков штоф. Останува да (ни) верувате. 

Букбокс гледанка: „Мастермајнд“ (2025)

На списоците на најдобри филмови за годината што изминува, наидовме и на еден кој одамна ни стои на листа. Недела попладне, надвор сиво и тапо, што би било подобро за разонода од филм за грабеж, во случајов на музеј? Трилер, акција, динамични сцени, неизвесност - сето тоа би требало да се подразбира. Или?

Двојна Букбокс гледанка: „Секирата“ (2005) и „Нема друг избор“ (2025)

На прв поглед двата филма припаѓаат на различни светови - европска социјална сатира од почетокот на новиот милениум и современа корејска драма родена во доцниот капитализам. Но под таа површина, двата филма поставуваат исто вознемирувачко прашање: што му прави економската несигурност на човекот кога нема друго чаре?

Букбокс гледаше на Синедејс: „Татко мајка сестра брат“ (2025)

Новогодишните празници се веројатно најдоброто време да се гледа овој филм. Упатени на традицијата да се соберат околу софрата, семејствата го прават тоа дури и кога таквите изнасилени средби само ја подгреваат тензијата и ја ладат сармата. Ако вашето не е помеѓу таквите, блазе си ви - тогаш ќе можете со интелектуална дистанца (можеби дури и доза на здодевност) да ги проследите напнатите тишини и невербалните сигнали со кои изобилуваат трите приказни во најновиот филм на Џармуш, чија европска кино премиера се одржа вчера, 7.12. во склоп на Синедејс, во преполнетата сала на кино Фросина. 

Букбокс гледаше на Синедејс: „Месо“ (2024)

Убиство во село во кое има нелегална кланица. Звучи како одличен вовед во речиси исто толку добар филм - грчка семејна драма, во која еден од главните ликови е момче-работник од Албанија. 

Букбокс гледанка: „Блу мун“ - филм за заборавениот бродвејски гениј

Овој текст може да почне во стилот на првите сцени од филмот „Амадеус“, кога Салиери на свештеникот кој е дојден за исповед му свири делови од свои композиции. Овој не ги препознава. Но кога ќе му ја засвири „Мала ноќна музика“, свештеникот веднаш почнува да ја м'мка мелодијата, иако не го знае нејзиниот автор. Во сличен клуч, ако некој ви ги спомне My Funny Valentine, The Lady Is a Tramp или Blue Moon, треба да сте растени под камен за да не сте слушнале ниедна од нивните илјадници верзии. Па сепак, ретко кој знае кој е автор на нивните стихови.