Букбокс гледаше: „Калеидоскоп“ (интерактивна серија)

Осум епизоди од акција-трилер со ограбување банка кои можете да ги гледате во редослед по свој избор. Навидум креативен начин да се надомести истрошеноста на многу пати користената приказна. Ама, контраинтуитивно, излегува дека она што требаше да помогне всушност одмага.

Лео Пап (го игра Џанкарло Еспосито, попознат како Гас Фринг од „Брејкинг бед“) со својата екипа организира епски грабеж вреден 7 милијарди долари. Како и секој ваков потфат и овој подразбира алчност, предавства и семејни компликации.

Ова е основниот синопсис на „Калеидоскоп“, серија во осум епизоди, достапни на Нетфликс, која е замислена како „нешто повеќе“ од обично гледачко искуство. Секоја епизода е означена со различна боја, па гледачот си бира по кој редослед ќе ги следи, притоа формирајќи си свој „калеидоскоп“. Некој пресметал дека притоа има дури 40.320 комбинации, иако некои комбинации се поочекувани од другите. Со оглед на тоа што до насловот (бојата - Жолта, Зелена, Сина...) на епизодата стои и објаснување за тоа на која точка од хронологијата таа се однесува (24 години пред грабежот, три месеци по него итн.), доаѓа некако логично дека човек би сакал да ги следи во континуитет, за да не се збуни кој е кој и каде е во приказната. 

Се обидовме да бидеме малку покреативни и да почнеме од центарот на оската - самиот грабеж, односно од Белата епизода. Според личното чувство, но и коментарите кои ги читавме потоа, излезе дека тоа е најлошиот начин да се започне. Тоа е затоа што сакале-нејќеле во неа сценаристите морале да разјаснат нешто за оние гледачи за кои таа е меѓу последните епизоди - појаснувањето за едните е спојлер за другите. Ваквиот баланс на „да не откриваме премногу, ама истовремено да појаснуваме“ е голем проблем во филм или серија кои не се содржински туку само формално експериментални. Тука сè што треба да знаете е кои се мотивите за грабежот, која е екипата, како се развиваат односите меѓу нив и како сето тоа завршува. Ништо научно-фантастично, ништо надреално, без паралелни реалности и реинкарнации. 

Во интерактивниот „Бандерснач“ од франшизата „Црно огледало“ (за којшто пишувавме тука) интерактивниот метод имаше многу смисла, затоа што бирањето опции во кој правец ќе оди приказната преку далечинско симулираше видео игрица и на тој начин обезбедуваше „мета“ ефект (гледаш филм во кој правиш избори за лик кој прави избори во видео игрица чијшто автор е самиот тој). Дури и таму имаше „лупови“ кои враќаа назад за да се одбере другата опција, а и верзиите на приказните испадна дека и не се екстремно различни. Во „Калеидоскоп“ не станува збор за различни насоки, туку само за хронолошко спојување на парчињата на временската оска. На крај сите гледачи ќе го имаат изгледано истото и ќе ги знаат истите работи. Ништо посебно.

Да беше ова нормална серија, подредена согласно идејата на сценаристите, таа ќе беше уште една забавна акција со бонус - здебелен Гас Фринг во целосно трико. Вака, непотребното цепкање за ефект на наводно „интересно“ го расипува и она малку вистински интересното. Истовремено, тоа покажува дека играњето со структурата со истовремено запазување на другите наративни елементи не е воопшто едноставно.

Илина, Букбокс 

21 јуни 2025 - 10:58