Зошто геолозите толку често умираат на филм?

Во сериите и филмовите геолозите речиси секогаш се прикажани како паметни, храбри и добронамерни научници кои се обидуваат да предупредат на опасност – вулканска ерупција, астероид, чудовишта или природна катастрофа. Но, иако често се меѓу „добрите ликови“, нивната судбина на големото платно ретко е среќна. Нова анализа на повеќе од еден век филмска историја покажува дека дури една третина од филмските геолози умираат до крајот на приказната.

Во акциониот филм Армагедон од 1998 година, огромен астероид се движи кон Земјата, а тим научници и работници од нафтена платформа добиваат задача да слетаат на него и да постават нуклеарна бомба. Мисијата успева, но многумина не преживуваат. Геологот, кого го игра Стив Бушеми, сепак има повеќе среќа од многу негови „колеги“ во филмската историја.

Според ново истражување објавено во списанието Geology Today, од 202 геолози кои се појавиле во 141 филм снимен меѓу 1919 и 2023 година, дури 69 умираат на екранот или се пронајдени мртви. Тоа значи дека филмските геолози имаат смртност од околу една третина.

Истражувањето го направиле геолози кои истовремено се и големи филмски ентузијасти. Тие повеќе од десет години собирале податоци за тоа како оваа професија е претставена во кинематографијата, а најновата анализа за првпат е објавена како научен труд. За еден лик да биде вклучен во анализата, морало јасно да биде кажано дека е геолог. Најчесто тие се појавуваат во авантуристички, научнофантастични, акциони филмови или во драми. Во старите филмови од првата половина на 20 век, геолозите често биле поврзани со потрага по нафта и рудни богатства, особено во вестерни. Подоцнежните филмови, пак, ги сместуваат во приказни со вулкани, земјотреси, чудовишта, вонземјани и еколошки катастрофи.

Најчеста причина за смрт на филмските геолози е – убиство. Дури 30 од нив биле убиени. Други загинале од геолошки опасности, како паѓање во кратер или давење во жив песок. Ист број смртни случаи се поврзани и со вонземјани или чудовишта. Во серијалот „Треморс“, на пример, џиновски подземни црви тероризираат луѓе, иако главните геолози таму успеваат да преживеат.

Еден од најнеобичните случаи е филмот „Вокабаут“ од 1971 година, каде геолог си го одзема животот додека чита учебник по структурна геологија во австралиската пустина. Авторите на студијата дури иронично забележуваат дека се надеваат оти ова нема да доведе до предупредувања на учебниците по геологија.

И покрај високата стапка на смртност, геолозите во филмовите најчесто се прикажани позитивно. Околу 85 проценти од нив се „добри“ ликови, а речиси една петтина извршуваат херојски дела. Често тие се единствените што ја разбираат опасноста и се обидуваат да ги спасат другите.

Истражувањето покажува и друг проблем: огромното мнозинство филмски геолози се бели мажи. Од 202 анализирани ликови, само 22 биле жени, иако нивниот број постепено се зголемува по 1990-тите. Имало само шест црни геолози, а речиси воопшто немало ликови со азиско, индиско, пацифичко или латиноамериканско потекло.

Авторите сметаат дека филмските геолози се огледало на стравовите и опсесиите на секоја епоха. Во минатото тие биле поврзани со нафта и индустрија, подоцна со студената војна, а денес сè повеќе со климатски катастрофи, природни закани и апокалиптични сценарија.

22 мај 2026 - 23:35