Нова биографија за Стивен Хокинг, која ќе излезе на 1 септември, открива досега непознати детали од неговото детство, младост и борбата со тешката болест што му била дијагностицирана кога имал само 21 година. Биографијата, напишана од физичарот и автор Греам Фармело, е првата официјално одобрена книга од семејството на Хокинг.
За време на истражувањето, Фармело добил пристап до огромна архива семејни документи – писма, фотографии, дневници и лични белешки што со години биле чувани во домот на сестрата на Хокинг, Мери. Особено внимание привлекле дневниците на неговиот татко, Френк, лекар кој специјализирал во тропски болети. Тој повеќе од шест децении водел лични записи, многу од нив напишани со таен код базиран на грчкиот алфабет.
Во еден запис од 1961 година, таткото на Хокинг изразува сериозна загриженост за својот син. Тој пишува дека Стивен „се ѕенѕа низ куќа без многу иницијатива и не учи многу“. Дополнително, забележува дека младиот Хокинг почнал да мисли дека физиката на Оксфорд е „инфериорна во однос на уметностите“, нешто што татко му го сметал за голема штета. Споредувајќи се себеси на истата возраст, Френк вели дека имал „огромна амбиција да успее“ и дека, ако ги имал можностите што ги имал Стивен, би постигнал многу повеќе.

Сепак, животот на Стивен Хокинг наскоро драматично се променил. Во 1963 година му била дијагностицирана моторна невронска болест – тешка дегенеративна состојба која постепено довела до речиси целосна парализа. Лекарите му предвидувале дека ќе живее уште само две години.
Но, Хокинг не само што ги надживеал прогнозите, туку станал еден од највлијателните научници во светот. Тој ги проучувал црните јамијами, просторот и времето, а неговата книга „Кратка историја на времето“ е продадена во повеќе од 13 милиони примероци, претворајќи го во глобална интелектуална икона.
Дневниците, меѓутоа, откриваат и колку тешко неговиот татко се справувал со болеста на синот. Во еден запис од 1967 година, Френк искрено признава дека комуникацијата со Стивен станувала сè потешка и дека секој разговор бил бавен и исцрпувачки. Тој пишува дека многу жали за својот син и ќе направи сè за него, но дека „не ужива“ да поминува време со него – сурово искрена реченица што покажува колку емоционално сложена била ситуацијата за целото семејство.
Авторот на биографијата, Фармело, вели дека документите нудат „суров и искрен увид“ во животот на Хокинг, особено во периодот по дијагнозата, кога семејството морало да се соочи со мислата дека младиот научник можеби нема да преживее долго. За потребите на книгата, Фармело разговарал и со најблиските членови на семејството – сестрите Мери и Филипа, првата сопруга Џејн, како и нивните три деца, Роберт, Луси и Тим.