Букбокс гледанка: „Тони“ (2026) или - одма давајте нов филм за Бордејн!

Наместо гозба за кралеви, тенка супица, со само едно сирото магдоновче кое лебди осамено на површината. Кадешто останува и приказната за најпознатиот готвач на светот, кој сакаше да живее не во храм, туку во луна парк. 

Во своите мемоари „Доверливо од кујната“ (Kitchen Confidential), Ентони Бордејн ја лоцира својата љубопитност кон храната во едно искуство од детството. Koга неговото семејство патувало со брод кон Франција, земјата на предците, на него пробал обична супа од кромид, власец и компир, која му го сменила дотогашниот поглед на свет само затоа што била - студена. 

Ова, дека супата не мора да биде жешка, јадењата со суво грозје не мора да бидат десерти, а пилешкото не е со закон врзано за ориз, на деветгодишното момче му оставило толку голем впечаток што уште тогаш почнал да експериментира, пробувајќи секаква храна која му доаѓала под рака. Ова подоцна ќе ескалира со импресивен список не-јадлива храна: анус од брадавичеста свиња (Намибија), кобра - сосе срцето (Виетнам), овчји тестиси (Мароко) и, најлошото што некогаш го ставил во уста - ферментирана ајкула (Исланд). 

„Телото не е храм, тоа е луна парк“ е неговата девиза која многумина некритички ја цитираа, до моментот кога рингишпилот ненадејно запре и џагорот стивна. На 8 јуни 2018 Бордејн беше пронајден обесен во луксузен хотел во Алзас кадешто снимал. Имаше 61. 

Филмот за него го очекувавме како на времето топол бурек од Жито Лукс на Рекорд после искачанка. Но наместо тоа добивме тенка супа од ќеса, на која нема дури ни петел. Изборот на Доминик Сеса за Тони, после неговата прва позначајна улога во „Божикни сирачиња“ (The Holdovers - Букбокс осврт тука), имаше некаква логика - таму тој убедливо го играше проблематичниот тинејџер Агнус Тали, кој ќе воспостави необично пријателство со својот факултетски тутор (Пол Џијамати). Но во улогата на 19-годишниот Бордејн, студент на Колеџот Васар кој се занесува дека ќе стане следниот Керуак, нема ни „л“ од луна парк - само збунета фаца која не се менува што и да се случува. 

А она што се случува е прикажано како негова иницијација во светот на готвењето. Откако непромислено ќе ја следи средношколската симпатија Ненси до Провинстаун на Кејп Коуд, Тони е принуден да најде работа како мијач на садови во скромен ресторан за морска храна, „Флегшип“. Тука го запознава необичниот газда на местото и готвач (Антонио Бандерас), човек кој ќе стане негов прв вистински ментор. Од него Тони ќе „купи“ нешто што не може да се научи од книги: важноста на дисциплината, точноста и добро завршената работа. А друг колега, темпераментен мајстор за чистење школки, ќе го запознае и со кокаинот.

Toj дечко, Лео Вудал, кого го знаеме од втората сезона на „Белиот лотос“, е супер и можел да биде подобар Бордејн. И Антонио Бандерас можел да биде подобар Бордејн. Море, и стенд-ап комичарот Ставрос Халкиас, кој онаков дебеличок и испотен пече ракови во кујната, можеби ќе беше подобар Тони! Му се истураме на Сеса за нашите изневерени очекувања, иако виновници секако има повеќе. Главно пропуштената шанса се сведува на сценарио кое повеќе личи на „летото кога станав маж“ наратив, без земање предвид на тоа за кој точно маж станува збор и како она што го гледаме во нашите глави ќе се поврзе со наредните 40 години од неговиот живот. 

Ќе дозволиме, додуша, дека во тенката супа има барем едно свежо магдоновче. Тоа е приказната која на Тони во една сцена му ја раскажува Бандерас, за францускиот готвач Франсоа Вател од 18 век. Тој, според легендата, се самоубил затоа што не му стигнала на време рибата за некој огромен банкет на Луј XIV. Тони збунето прашува:
„Се самоубил? Зошто?“
„Ти кажав. Не му стигнала рибата“ - одговара Бандерас, како да е тоа најнормална причина за готвач на кралот да се набоде на сопствениот меч.

Илина, Букбокс

23 септември 2026 - 15:39