Пол Ханам е олицетворение на суровите професори од гимназиските интернати, а тоа што предава историја на древни цивилизации го прави уште потипично конзервативен. Тој толку сериозно си ја разбира улогата на педагог и наставник на престижната академија Бартон, што ретко ја напушта, освен за кратки посети на блискиот Бостон.
Ова го знаат и неговите колеги кои одбегнувајќи ја одговорноста да се грижат за неколкуте „Божикни сирачиња“ (термин со кој меѓусебно се задеваат) - ученици кои поради различни околности не можат да појдат дома за празниците - му ја префрлуваат истата нему. Тие не ја сакаат неговата радикална принципиелност, која не попушта ни под фактот дека е 1970-та, дека либералните идеи почнуваат да ги тресат темелите на естаблишментот од секаков вид и дека пазарните околности во земја која е во војна се такви што може да се замижи на едно око и да му се пише едно тројче на разгален син на донатор-милионер. Никако! - е реакцијата на Ханам, придружена со висок тон и цитирање соодветна латинска изрека за доблеста на вложениот труд и наградата од истиот.
Секоја година во текот на празниците некое сирото момче мора да остане во интернатот и да мине цели две недели стиснат во единствените 2-3 простории кои се греат поради заштеда. Срцето ни се крши идентификувајќи се со тие неколкумина, кои во еден момент се сепак спасени со неочекуваната појава на спомнатиот татко-богаташ, кој со хелихоптер ги носи на скијање. Но само еден не може да добие согласност од мајката и очувот, кои не одговараат на телефонските повици.
Така, интелигентниот но проблематичен Ангус останува сам со крутиот професор и главната готвачка Мери, која си има своја мака - жали по неодамна загубениот 19-годишен син во војната. Нешто што ни се чинеше дека ќе се претвори во верзија на „Друштвото на мртвите поети“, од тука натаму станува приказна за тоа како, доколку се даде шанса, е можна разбирачка и пријателство помеѓу луѓе кои навидум немаат ништо заедничко, освен што по силата на околностите, како во заглавен лифт, се нашле на исто место и во исто време.
Необичното со овој филм е што цело време имате чувство дека гледате нешто снимено пред децении, кое не може многу да изненади, но кое ви го топли срцето без да ви предизвика цинични мисли (да, и тоа е можно). На исто толку необичен начин тој е и свеж, затоа што е едноставен и без големи амбиции, реткост во филмската продукција во последно време. До скоро верувавме дека Бредли Купер е главниот фаворит за Оскар за улогата на Бернштајн, но после ова веруваме дека после единствената номинација за Оскар од 2006 за споредна улога, Пол Џијамати е конечно подготвен да го добие.
Илина, Букбокс