Инспирирана од вистински настани, а заснована врз книгата „Судбината на републиката“ од Кендис Милард од 2011 година, серијата „Смрт од гром“ на Мајк Маковски раскажува за апсурдните, трагични и неверојатни елементи од животната приказна на Џејмс А. Гарфилд, 20-тиот американски претседател.
Иако приказната во голем дел се потпира на историски извори, сепак серијата слободно вметнува некои елементи. Гарфилд, кој долги години бил конгресмен од Охајо, навистина не се стремел да стане претседател. На Републиканската конвенција во 1880 година бил избран по сосема неочекуван пресврт, откако самиот одржал говор за поддршка на друг кандидат. И покрај тоа што се обидувал да ја одбие номинацијата, бил избран и станал претседател на САД. За жал, неговиот мандат траел само 200 дена.
Гито, убиецот во серијата толкуван од Метју Мекфејден („Сксешн“), навистина бил член на религиозната комуна Онејда, позната по концептот „сложен брак“, односно слободни врски меѓу членовите (за неа претходно пишувавме тука). Тој повеќепати се приклучувал и заминувал од заедницата во 1860-тите. Овој дел од неговата биографија е веродостојно прикажан, како и неговиот карактер кој бил во постојана потрага по признание од околината во која тешко се вклопувал.
Наспроти тоа, една сцена во која потпретседателот Честер А. Артур и Гито пијат и гледаат боксерски меч со жени никогаш не се случила. Маковски признал дека ја вметнал само затоа што имал „совршена актерска комбинација“ и сакал да види што ќе произлезе од тоа. Иако Артур и Гито навистина се среќавале, нема докази дека поминале заедничка бурна ноќ.
Убиството на Гарфилд се случило во јули 1881 година, кога Гито го застрелал на железничка станица во Вашингтон. Куршумот не погодил ниту еден витален орган, но лекарите кои се обидувале да го најдат биле неспособни и користеле нестерилизирани инструменти. Длабоката рана се инфицирала и на крајот довела до сепса, поради што Гарфилд починал 79 дена подоцна. Гито подоцна тврдел нешто што било реално: „Докторите го убија претседателот, јас само го застрелав“.
Во серијата, Лукреција Гарфилд, вдовицата на претседателот, оди да го посети Гито во затвор. Тоа е измислена сцена – нема историски докази за таква средба. Сепак, таа навистина одиграла важна улога во зачувувањето на документите и личните списи на својот сопруг, поставувајќи основа за првата Претседателска библиотека.
Сцената на егзекуцијата на Гито, прикажана со пеење и рецитирање на неговата песна „Одам кај дедо Боже“, е историски точна. Тој навистина ја напишал утрото пред да биде обесен, на 30 јуни 1882 година. По неговата смрт, телото на Гито било накратко закопано, а потоа откопано за научни анализи. Лекари од Воениот медицински музеј го извадиле мозокот за да го изучуваат, барајќи докази за ментална болест. Дел од неговиот мозок подоцна бил изложен во музеј во Филаделфија.