Можеме ли ние да имаме еден Атенборо?

Пред некое време до нас стигна писмо од читател во кое споделува линк до документарна серија во продукција на МРТ. „Често гледам слични документарни филмови за некои далечни предели од различни делови од светот. Но, на мојата десетгодишна ќерка овие ѝ се омилени бидејќи се зборува на македонски јазик и се однесува на природата во Македонија. Сакам да ја однесам за да ги посетиме.“ Изгледавме неколку епизоди и ни се бендисаа, со пар фусноти.

Секогаш се радуваме на добра препорака, па и сега се фативме за далечинското и изгледавме неколку епизоди од серијалот документарци „Чудесна Македонија“ во продукција на МРТ, правени помеѓу 2023-2025 година, водени од професорот на Шумарски факултет, Јане Ацевски. 

Дознавме детали за џуџестиот бор „кривуљ“ на масивот Јабланица, кој има развиено посебни „стратегии“ за преживување под големи наноси снег и удари на ветер, со својот низок раст и гранки кои се шират хоризонтално и до десет метри. 

Дека во Македонија има секвои, донесени и засадени плански, како нелокални видови, заради зголемување на шумската маса, а за потребите на дрвната индустрија по Втората светска војна. Во епизодата се споменува името „инженер Шалтански“ - мало истражување покажа дека станува збор за Димко Шалтански, борец во НОБ и директор на Шумското стопанство од 1958, кој наводно лично ја засадил првата џиновска секвоја на локалитетот Вртешка на планината Китка во 1961. Хајлајц: финтата со црвените верверички за размножување на дрвото. 

Дека во пределот Река се наоѓа најстарата шумичка од див костен во светот. Во една од сцените повторно се појавува секвоја, со најдебело стебло во Европа, на влез на објект во Трница. „Тука би требало да има табла на која ќе биде означено за што станува збор“ - вели професорот и навистина би се израдувале доколку некој го послушал.

Ентузијазмот на читателот што ни ги препорача е оправдан, и навистина е штета што вакви емисии се „скриени“ на Собранискиот канал. Но имаме и  неколку фусноти. Универзитетските професори, барем нашите, тешко се „одлепуваат“ од академскиот говор, па чести се стручни термини како „хабитус на дрвото“, „алохтони видови“, „карбонатна матична подлога“, „антопозоогено влијание“. Можеби Атенборо станал тоа што е токму затоа што никогаш не се здобил со формален докторат. Како противтежа на професорскиот пристап на експертот (кој патем никогаш не гледа директно во камерата односно во гледачот), би требало да функционира говорот на водителката, која пак запаѓа во друга крајност, зборувајќи во поетски клуч за „совршената хармонија“ и „грандиозните глетки“.

Покрај подобрата промоција на ваквите ретки и скапоцени емисии во нашиот етер, за нивна гледаност можеби би помогнал и малку порелаксиран стил - покрај еден експерт кој би ја приближил природата до градските луѓе да има и подобро запознавање на оние малку луѓе кои живеат во и со таа природа. Најблиску до тоа, барем во оние епизоди кои ги изгледавме, е силуета на овчар во далечината, кој можеби ќе кажеше нешто за неговиот „непријател“ - кривуљот, кој ширејќи се ги зафаќа пасиштата. 

1 јуни 2026 - 14:52