Ако ја скенирате историската листа на интелектуални и уметнички гиганти, брзо ќе забележите дека невообичаено голем удел во неа имаат имигранти и бегалци. Од Виктор Иго и Набоков, преку Тесла, Марија Кири и Фројд па сè до Алберт Ајнштајн.
И денес е така; во светот има еден куп 'бјутифул мајндс' кои процветале на туѓа почва. Особено во САД: таму има вкупно 13 проценти луѓе кои не се родени на таа територија а една третина од патентите и една четвртина од нобеловите ги собира токму таа групација.
Што е тоа во 'јабаната' што го поттикнува креативниот гениј?
Вообичаениот наратив е: нова средина, човек мора да запне, да се снајде... Но, таа прикаска може да го објасни успехот ама не и извонредноста.
Неколку скорешни истражувања упатуваат на интригантно објаснување - "разбивањето на шемите" како значаен елемент во интелектуалниот развој.
Важи и во банални случаи: две групи луѓе, на едните им викаат да направат појадок по погрешен редослед а на другите да го направат на вообичаениот начин. Кај првите е забележана поголема "когнитивна флексибилност" која е предуслов за креативно мислење.
Ова и други огледи сугерираат дека зајакот не лежи во амбицијата на емигрантите туку во нивната маргиналност. Психологот Најџел Барбер тоа го вика "исчашеност на перспективите". Откорнати од познатото, тие можат да го видат светот од поинаков агол и токму оваа свежа перспектива им овозможува да бидат нешто повеќе од талентирани.
Шопенхауер има фина дефиниција за разликата: Талентираните погаѓаат мети кои другите не можат да ги погодат, генијалците погаѓаат мети кои другите не можат да ги видат.
Фројд е класичен пример: доjден во Виена од една австро-унгарска вукојебина од денешна Чешка, пробува сè за да се вклопи но новата средина (носи кожни бермуди, игра бечки игри со карти), но како Евреин и емигрант, никогаш не бива целосно прифатен и "социјализиран". Слично е и со полјачката Марија Кири и нејзината борба со Париз а да не зборуваме за Тесла кој доаѓа во САД од личкиот крш, од оние места кои Забрањено пушење нежно ги опиша со стихот "vuk je u nas domaca zivotinja".
Така било во цела историја. Уште од античка Атина и значењето на нејзините "странци со дозвола за престој" па преку ренесансата Фиренца која успева да го собере кремот од византиската империја во распаѓање.
Не мора новите идеи дојдени од страна автоматски да водат кон прогрес, но корисно е да бидат присутни, некогаш чисто како провокација. Просто, луѓето почнуваат да ја согледуваат арбитрерноста на некои свои културолошки навики кога ќе видат дека нивното X не мора да се прави секогаш по Y туку постои и некој Z.
Се разбира, културолошките шокови не завршуваат секогаш со хепиенд. Истите проблеми и предизвици што некои луѓе ги водат кон извонредност, некои други луѓе ќе ги одведе во очај и чемер.
Но, така е со сите луѓе, не само со мигрантите. И не само со луѓе: од еден оган дрвото ќе се пеплоса, од истиот, златото само повеќе ќе засјае.