Оваа пресуда на Судот се однесува на случајот на двајца полски државјани кои побарале нивниот венчален извод од Германија од 2018 година да биде регистриран во полскиот граѓански регистар. Надлежните органи го отфрлиле барањето, согласно Членот 18 од Уставот во кој бракот е дефиниран како „заедница на маж и жена“.
До 2023 година случајот стигна до Врховниот административен суд на Полска, кој побара да се произнесе европскиот Суд на правдата. Тој денеска пресуди дека партнерите биле оштетени, бидејќи законски склучиле брак во друга земја во која го оствариле правото на слободно движење и престој. Поради тоа и Полска и сите други членки на ЕУ мора да им ги признаат брачните права.
Во пресудата се забележува дека признавање не го поткопува националниот идентитет ниту претставува закана за јавната политика.
Земјите-членки имаат дискреционо право при изборот на постапките за признавање на истополовите бракови, но во исто време се должни да ги признаваат изводите од матична книга и венчаниците во граѓанскиот регистар, наведува Судот.

Се истакнува дека правото на ЕУ преовладува над националното. Брачните партнери, како граѓани на ЕУ, по враќањето во својата земја мора да бидат сигурни дека ќе можат да го продолжат тој семеен живот.
Одбивањето да се признае законски склучен брак помеѓу двајца граѓани на ЕУ од ист пол може да предизвика сериозни административни, професионални и приватни непријатности, принудувајќи ги брачните другари да живеат како невенчани лица во нивната земја на потекло... Не им се прекршува само слободата на движење и престој, туку и основното право на почитување на приватниот и семејниот живот, се наведува во пресудата.
Владејачката коалиција во Полска во октомври предложи компромисен закон, кој би им овозможил на невенчаните двојки, вклучувајќи ги истополовите, да добијат одредени права, кои би биле пониски од оние во граѓанските заедници или браковите.
Никогаш нема да потпишам закон што го поткопува уставно заштитениот брачен статус, предупреди претседателот Карол Навроцки, но додаде дека е „отворен за мерки што би им помогнале на граѓаните, без оглед на полот, врските или возраста“.