На првата средба меѓу посадата на Колумбо и Араваците, првите доаѓаат на брегот со мечови, а домородците ги пречекуваат со храна, вода и подароци.
"Тие не носат оружје и тоа не им е познато, бидејќи кога јас им покажав меч тие го фатија за острицата и се исекоа од незнаење. Тие би биле одлични слуги... со 50 луѓе би можеле да ги поробиме и да ги натераме да прават што сакаме," напишал Колумбо во својот дневник по првата средба.
Араваците се домородци на Бахамите кои се познати по своето гостопримство и нивното верување во споделувањето, "особини кои не се карактеристични за ренесансна Европа, доминирана од религија на Папи, владеење на кралеви, и лудило по пари кои ја обележуваат Западната цивилизација и нејзиниот прв гласник во Америките, Кристофер Колумбо."
Она што домородците во тоа време не го знаат е дека од сите подароци што можеле да ги принесат, Колумбо го интересира само златото, заради кое тој воопшто ги добива парите за да оди на мисија околу светот за откривање на нов пат до Индија. Заради Марко Поло сите знаеле дека таму некаде далеку има злато и зачини, ама не можеле да стигнат до таму откако Турците го освојуваат Константинопол и источниот Медитеран. (Колумбо уште од старт немал шанси да стигне до Азија, бидејќи сите планови му се базираат на претпоставки за многу помал свет. Тој едвај стига до Бахамите кои се на само една четвртина од неговиот пат до Индија. Од Канарските острови до Бахамите патува 33 дена.)
Кога се враќа во Шпанија со примероците од тоа што го наоѓа, златна маска која му е поклонета од еден поглавица на Хиспањола (денешни Хаити и Доминикана), неколку домородци со злато на нив и сведоштва за наоѓалишта на злато, Колумбо прогласува дека стигнал до Индија, притоа објаснувајќи:
"Индијците се толку наивни и толку слободни со сопствениот имот што никој нема да верува ако не го види тоа. Ако им побараш нешто што имаат, никогаш нема да ти речат не. Напротив, тие нудат се' да споделат со секого."
Тој на кралот му соопштува дека се откриени огромни наоѓалишта со злато и "колку и да посакаш робови." Заради ова за неговата втора мисија Колумбо добива 17 бродови и 1.200 луѓе. Главна цел на мисијата: злато и робови.
Нивната база е на Хаити, каде што не ги наоѓаат баснословните полиња со злато. Затоа што мораат со нешто да ги наполнат бродовите што ќе ги враќаат во Шпанија, тие постројуваат 1.500 мажи, жени и деца домородци. Од нив ги избираат 500-те најдобри примероци и ги товараат на бродовите. Од овие 500, 200 умираат по пат до Шпанија.
Прво, премногу робови умираат по пат, и второ, Колумбо мора на своите "инвеститори" да им надомести за парите што ги има добиено.
"Во провинцијата Цицао на Хаити, каде што тој и неговите луѓе замислуваат дека постојат огромни наоѓалишта на злато, тие им наредуваат на сите лица над 14 години на секои 3 месеци да собираат одредено количество злато. Кога ќе го донесат кај Шпанците, ним им даваат бакарни привезоци кои мора да ги носат околу врат. На домородците фатени без привезок околу врат им ги отсекувале рацете и ги оставале да крвават до смрт.
Домородците имале невозможна мисија. Единственото злато што било наоколу била прашината што можела да се собере од реките. Заради ова тие бегале, и биле ловени со кучиња, и биле убивани. Кога станало јасно дека повеќе нема злато, домородците биле земани за робови на големите имот. Таму работеле со пеколно темпо, а илјадници умирале. До 1515-та, имало останато едвај 50.000 домородци. До 1550-та имало 500. Извештај од 1650-та покажува дека на островот не останал ниту еден од оригиналните Араваци или некој нивен потомок," пишува Зин.
Во серијата книги Историја на Индија, напишана од Бартолом де лас Касас, млад свештеник кој учествува во откривањето на Куба, се опишуваат сите зулуми на Шпанците. Книгите се базираат на дневниците на Колумбо.
Во вториот том, Касас пишува дека по одредено време Шпанците одбивале да пешачат, и ако се брзале "јавале на ушка на домородците," а инаку биле пренесувани во мрежи (за лежење). Во вториот случај домородците морале да носат и големи листови за да ги заштитуваат од сонцето, а други ги ладеле со крилја од гуски.
Како што растела контролата, така се зголемувала и бруталноста, "на Шпанците ништо не им значело да прободат домородец со нож и да исечат дел од неговото месо само за да ја тестираат острината на нивните сечила."
По секои 6 или 8 месеци работа во рудниците, што е рокот што секоја екипа го има за да ископа доволно злато за топење, околу една третина од луѓето умираат. Додека мажите работеле во рудниците, жените работеле на земјиштето и биле присилени да срамнат илјадници ридови за да направат полиња за одгледување маниока.
Кога Ла Касас доаѓа на Хиспањола во 1508-ма на островот има околу 60.000 жители. Ова значи дека во периодот од 1494-та до 1508-ма, над 3 милиони луѓе исчезнале од островот како последица на војна, ропство и работа во рудници.
"Она што Колумбо им го направи на Араваците на Бахамите, Кортез им го направи на Ацтеките во Мексико, Пизаро на Инките во Перу, а англиските доселеници во Вирџинија и Масачусетс на Поватаните и Пиквотите. Тие ги користат истите тактики и истото резонирање...
... Така започнува историјата на европската инвазија на индијанските населби во Америките. Овие почетоци се освојување, ропство, смрт. Кога ги читаме книгите по историја што им се даваат на децата во Соединетите држави, сето ова почнува како херојска авантура - каде што немало крвопролевање - и Денот на Колумбо е прослава," објаснува Зин.