Зависноста од меѓународната трговија ја направила Европа ранлива, особено по глобалните потреси што ги предизвика администрацијата на Доналд Трамп, предупредува претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард. Таа наведува дека главните партнери што во изминатите децении придонесоа Европа да се збогати, сега ги менуваат трговските приоритети, а Брисел не реагира.
Европската економија е насочена кон свет кој постепено исчезнува, вели Лагард.
Таа објаснува дека Трамп го предводел глобалниот пресврт од глобализација кон протекционизам, наметнувајќи им високи царини и на своите традиционални трговски партнери. Кина, во исто време, ја користи својата доминација за производство на критични минерали за да врши притисок во трговските односи.
Европа не успеа да ги реши сопствените проблеми. Наместо тоа, креаторите на политики дозволија нејзините слабости тивко да го нагризуваат растот, бидејќи секој нов шок нè турка на пониска траекторија. Нашиот внатрешен пазар застана, особено во областите што ќе го обликуваат идниот раст, како што се дигиталната технологија и вештачката интелигенција, како и областите што ќе го финансираат, како пазарите на капитал, предупреди Лагард на банкарски конгрес во Франкфурт.
Таа предупредува дека Европа наскоро ќе се соочи со „маѓепсан круг“ на свои штедачи што вложуваат пари во американски акции, помагајќи ѝ на американската економија да напредува побрзо. Тоа ќе ја турне ЕУ во стагнација на продуктивноста и уште поголема зависност од другите земји.
Како ретки предности на Европа таа ги издвои отпорниот пазар на труд, зголемувањето на дигиталните инвестиции и трошоците за одбраната, кои до некаде го неутрализираа економското забавување.
Рецептот од Лагард за закрепнување е намалување на бариерите за трговија меѓу членките на ЕУ, кои според анализите на ЕЦБ се еквивалентни на царина од 100% за услуги и од 65% за стоки. Таа повика и на одлучување со квалификувано мнозинство за даноците, за да се спречат блокади со вето.