Широко распространетата приказна одговараше на посакуваниот наратив: бруталните безбедносни сили лојални на диктаторот Мадуро ладнокрвно палат хуманитарна помош додека милиони луѓе во Венецуела страдаат од болести и глад.
Американскиот потпретседател Мајк Пенс на Твитер објавува дека „Тиранот од Каракас танцува“ додека неговите преторијанци „палат храна и лекови“. Стејт департментот пушта видео снимка со објаснување дека Мадуро наредил да се запалат хуманитарните камиони а венецуелската опозиција ги прикажува снимките кои потоа биваат репродуцирани на безброј интернет сајтови и телевизиски станици.
„Само што има еден проблем,“ пишуваат Николас Кејси, Кристоф Коети и Дебра Акоста во Љујорк Тајмс, „самата опозиција, а не луѓето на Мадуро, го имаат запалено товарот, случајно.“
Необјавени снимки до кои дошле, заедно со оние кои веќе ги виде светот, биле доволни да се направи верна реконструкција на настаните. А според таа реконструкција, токму анти-владините демонстранти го предизвикуваат пожарот.
„Во еден момент, домашно направен молотов коктел полетува во правец на вооружените сили кои го блокираат мостот меѓу Колумбија и Венецуела за да го спречат конвојот да влезе во земјата. Но, крпчето за палење на коктелот се одвојува од шишето и одлетува кон еден камион. Половина минута подоцна, камионот е во оган. 20 минути претходно, во едно друго видео, може да се забележи истиот демонстрант како фрла молотов коктел кон друг камион, само што не успева да го запали,“ пишува Њујорк Тајмс.
Откако ги соочиле со аргументите на оваа верзија, од носителите на претходната верзија, Хуан Гуаидо („Кристално јасно е дека Мадуро намерно ги запали камионите!“) конгресменот Марко Рубио („Ова е криминал и ако постои меѓународна правда, Мадуро мора да плати висока цена) или американскиот советник за национална безбедност, Џон Болтон („Мадуро ангажира криминалци за да ја запалат хуманитарната помош за Венецуела“), екипата на Њујорк Тајмс од истите добиваат ублажени верзии на инцидентот во кои не се спомнува кој го почнал пожарот или пак се правда дека „се немале прецизни податоци“.
Ама тоа не им пречело да се согласат дека на крајот на краиштата, виновен сепак е Мадуро, заради „создавање атмосфера на насилство во земјата“.
Инаку, како што најавивме во статијата Гуаидо јак на улица, Мадуро на анкети, ферката беше закажана и се случи на 23 февруари кога хуманитарен конвој странска помош требаше преку Колумбија да влезе во Венецуела. Пуленот на Западот Гуаидо тврдеше дека после тивката серија пребези од венецуелската војска, ова ќе биде пресвртен момент кога силите за безбедност дефинитивно ќе му го свртат грбот на Мадуро и ќе му откажат послушност. Тоа не се случи.
Службите на Мадуро надмено тврдат дека земјата нема потреба од странска помош и дека во конвојот кој беше спречен да влезе имало оружје и многу храна и лекови со изминат рок.