Франција товари бродови со ураниум за Русија

Во исто време додека Макрон и Зеленски прогласија долгорочно стратегиско воено партнерство и позираа на писта со договорот за продажба на 100 француски борбени авиони на Украина, брод носеше потрошено гориво од француските нуклеарки до Русија, за да го збогати ураниумот. Париз се прикажува како голем противник на Москва, но да се ослободи и од нуклеарниот отпад.

Еколошката организација Гринпис тврди дека ја фатил Франција на дело како испраќа ураниум на збогатување во Русија, иако гласно ги поддржува европските санкции за Москва поради војната во Украина. Испораките се сосема легални, бидејќи ураниумот не е опфатен со санкциите, но говори за политиката што ја води Париз.

Членови на Гринпис снимиле како се товарат десетина контејнери со етикети за радиоактивни материјали на бродот „Михаил Дудин“ во пристаништето Данкерк на Ламанш во саботата. Овој брод што плови под панамско знаме и порано бил користен за транспорт на ураниум од Франција за Русија. Последната забележана мисија му била пред три години. Новата пратка со радиоактивните материјали треба да биде испорачана до руското пристаниште Уст-Луга близу Санкт Петербург.

Енергетскиот гигант „Електрисите де Франс“ (ЕДФ), кој е под контрола на државата, во 2018 година потпиша договор од 600 милиони евра со компанијата Тенекс, во сопственост на руската Росатом, за збогатување на ураниумско гориво што било потрошено во реакторите.

Росатом управува со комплексот во Северск во Сибир, кој е единствениот капацитет во светот за рециклирање на потрошено нуклеарно гориво. Бизнисот е особено профитабилен во услови кога се зголемува цената на ураниумот на светскиот пазар.

По руската воена интервенција во Украина, француските власти побараа од ЕДФ да ја замрзне соработката со Росатом. Лани во март владата објави дека ја разгледува можноста за изградба на сопствен капацитет за преработка на ураниум за атомски централи. 

Гринпис верува дека Франција тивко ја продолжила трговијата бидејќи има огромни залихи, приближно 35.000 тони употребен ураниум во магацини. Главната цел е да се отстранат обемните залихи на радиоактивен отпад, од кој по прочистување 10% останува како гориво.

Франција треба да ги раскине своите договори со Росатом, државна компанија која три години ја окупира нуклеарната централа Запорожје во Украина, побара Полин Бојер, раководител на нуклеарната кампања на Гринпис во Франција. 

19 ноември 2025 - 10:13